Две години членство во НАТО – историски успех за Северна Македонија и силна гаранција за нашата безбедност, стабилност и просперитет, напиша на Фејсбук министерот за надворени работи, Бујар Османи.
„ Денес, одбележуваме две години од членството на Северна Македонија во НАТО, наше најголемо надворешно – политичко достигнување и најзначајна политичка верификација на нашата државност. Нашето знаме се вее заедно со другите 29 знамиња на НАТО – сојузниците, сведочејќи за единството и солидарноста меѓу партнерските земји во овие времиња на безбедносни предизвици со кои се соочуваме.
Станавме посилно интегрирани во евро-атлантската заедница, како сојузници со најголемите и најсилни држави, најсозреани и најстабилни демократии со кои споделуваме заеднички вредности. Застанавме рамо до рамо со најмоќните држави во светот и рамноправно придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и светот.
Во актуелните околности, најважно е да имаме вистински пријатели и сојузници со кои заеднички ќе ги обликуваме значајните одлуки и ќе придонесуваме за нашата заедничка безбедност. Заедно и обединети стоиме 30 земји сојузници со еднаква определба за одбраната на мирот, безбедноста, слободата и демократските вредности“ додаде тој.