24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Само обединети до подобри резултати во превенцијата и заштитата од насилство врз жените

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска учествуваше на работилница за спроведување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. На работилницата која е организирана во соработка со УНФПА, претставници од институциите и организациите информираа за проектните активности за спречување и заштита од насилство врз жените. Во своето обраќање Тренчевска рече дека Владата и Министерството за труд и социјална политика секојдневно ги подобруваaт националните политики за постапување, превенција и заштита на жртвите од родово базираното насилство. Таа порача дека најважно е сите институции и чинители кои работат на превенција и спречување и заштита од насилство врз жените со цел ефикасна постапка за нивна заштита и реинтеграција во системот, да се обединат.

„Само обединети може да постигнеме подобри резултати во превенцијата и заштитата од насилство врз жените и семејното насилство. Законoт за заштита од насилство врз жените и семејно насилство ги прецизира дејствијата и мерките коишто треба да ги преземе државата, односно институции и чинители кои работат во областа за спречување и заштита на насилство врз жените и семејното насилство. Со овој Закон за прв пат се воведе принципот на постапување со должно внимание на интересите и потребите на жртвата од страна на институциите при преземањето мерки за превенција и заштита од родово базирано насилство. Ова е значајно бидејќи еден од најсериозните проблеми е непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што е најчесто резултат на недовербата во институциите, затоа сите заедно треба да работиме на враќањето на довербата“, рече Тренчевска.

Според неа обуките на релевантните професионалци кои постапуваат со жртви или со сторители на сите акти на насилство опфатени со Истанбулската конвенција придонесуваат за спречување и откривање на насилството врз жените.

„Обврска на сите нас е заеднички да придонесеме да имаме еден функционален систем кој ќе биде ефикасен и ќе придонесе во спречувањето на сите форми на насилство врз жените. Факт е дека пред нас имаме уште работа, пред сè во унапредувањето на услугите, мултисекторскиот пристап, раната детекција, како и подигнувањето на свеста кај жените дека е многу важно да се пријави насилството“, рече Тренчевска.

Целта на проектот да ја поддржи Владата во воспоставувањето и имплементирањето на интегрирани политики за родово – базиран насилство насекаде во земјата во согласност со принципите на Истанбулскста конвенција. Имплементатор на проектот „Превенција и заштита од родово – базирано насилство во Северна Македонија“ е Фондот за население на обединетите нации (УНФПА).