На 94-годишна возраст почина Ристо Стефановски (1928-2022), долгогодишен директор на Драмски театар Скопје (1957-1983).
Ристо Стефановски (театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар) е роден 1928 година во Скопје.
По завршувањето на Државната театарска школа во родниот град, две години студирал глума на Театарската академија во Белград.
Од 1951 до 1960 година бил актер во Народниот театар во Скопје. Од пролетта 1957 година раководел со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформирал во денешниот Драмски театар.
Го обмислува, реализира и уредува театарското списание „Театарски гласник“ од 1977 година. Во меѓувреме дипломирал на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација.
Под негово раководство, Драмски театар Скопје го остварува најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија.
Од 1983 година Ристо Стефановски е генерален директор на Македонскиот народен театар во Скопје.