23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ДС: Законот за една изборна единица го помина првиот филтер

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, ја отвори парламентарната расправа за предлог измените на Изборниот законик, со кои се предлага Македонија да биде една изборна единица, со пропорционален изборен модел, без изборен праг и со Донтов начин на пресметка на бројот на пратеници, соопшти партијата Демократски сојуз.

Од таму посочуваат дека расправата започнала по година дена од поднесувањето на предлог законот, за кој има огромен интерес од јавноста и поддршка од, како што велат, над 60% од граѓаните.

Во расправата учествувале голем број на пратеници, меѓу кои и предлагачите на законот. Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, во својот настап, меѓудругото нагласи:

„Со измените на изборните правила ќе се демократизира државата, ќе се создадат услови за системски промени, со кои ќе се зајакне одговорноста на носителите на јавни функции, ќе се изгради ефикасен систем за борба против организираниот криминал и во носењето на круцијални одлуки ќе бидат вклучени повеќе партии и со тоа ќе биде поголемо влијанието на граѓаните.

Составот на Парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните, помалите етнички заедници ќе бидат застапени во Парламентот и ќе се демонтира еднопартискиот начин на владеење.

Со измените ќе започне процес на демонтажа на монополот на “големите” партии, кои донесоа изборни правила за “елиминација” од политичката сцена на помалите или новоформираните политички партии, а со тоа и плурализмот во Македонија.

Со овие измени само се започнуваат промените. Инаку потребни се коренити реформи, се со цел да се изградат услови за рамноправен политички натпревар и можност граѓаните да имаат избор на кого ќе му ја дадат довербата.

Измените не фаворизираат ниту една политичка партија по било која основа, туку напротив, секој пратеник ќе има иста тежина, нема да има можност од шестата изборна единица да се станува пратеник со 6.700 гласа, а во третата со 9.500 гласа“, посочил Трајанов.

По расправата, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, дала виза за натамошна постапка, со предлог Парламентот да организира јавна дискусија во која ќе можат да се вклучат сите партии, невладиниот сектор, медиумите и сите други кои имаат интерес, како и ЕУ, ОБСЕ, ОДХР и други.

„Трајанов очекува низ расправата разликите да се надминат и измените на законот да се донесат со консензус и огромно мнозинство од претениците“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.