22.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бектеши: Има доволно брашно

Има повеќе од доволна количина брашно во државата, мелниците имаат задоволителна количина резерви за да ги покријат потребите на домашниот пазар. Нема никаков простор да се создава паника кај граѓаните за непотребно купување на брашно имајќи предвид дека сите количини брашно што ѝ се потребни на државата ги имаме во моментот, рече министерот за економиј,а Крешник Бектеши, по денешната посета на мелницата Kokrra e Artë во Порој, Тетово.

Како што изјави министерот, оваа мелница е една од најголемите извозници на брашно во земјата и во моментот во согласност со последната одлука за забрана за извоз на одредени житни зрна, брашно и масло за јадење сега продава само на домашниот пазар.

„Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина брашно во домашните мелници, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките што ги донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите, ќе се укине и забраната за извоз што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови“, посочи министерот Бектеши.

Министерот рече дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување дополнителни количини пченица, што не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно, кои се извозници во регионот, по стабилизацијата на пазарот, да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.

Министерот исто така рече дека за применување на одлуките на Владата на терен се инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а во согласност со извештајот од минатата недела веќе се изречени и казни за трговците што не ги почитувале одлуките.

„Во однос на прекршоците, минатата недела ДПИ утврди неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети, кои се казнети. Се работи за седум супермаркети, кои во согласност со прекршоците се казнети со 7.000 евра за непочитување на одлуките. Имајќи го предвид извештајот на ДПИ, Министерство за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и во согласност со Законот за потрошувачите, каде што е предвидено, ако се повторат такви прекршоци, инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење дејност и до една година за нечесни практики што се прават во трговијата, особено кога има одлуки на Владата“, изјави Бектеши.

Спонзорирано: