15.8 C
Скопје
10. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски со канадскиот амбасадор Норман: Се почитуваат брзите реакции на Северна Македонија на линија на политиките на НАТО

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, се сретна со Џајлз Норман, амбасадор на Канада за нашата држава.

Заеднички е оценето дека пријателството помеѓу Северна Македонија и Канада е искрено и цврсто и во таа насока продолжува да се развива со активна соработка меѓу двете држави и како полноправни членки на НАТО.

Изразени се честитки до премиерот Ковачевски за стапувањето на должноста и е соопштено дека се видливи заложбите на Владата за справување со последиците од светската криза, како што се вчера усвоените пакет-економски мерки.

Исто така, пренесено е дека се почитуваат политиките и брзите реакции на Република Северна Македонија во однос на ситуацијата во Украина, а кои се на линија на политиките на НАТО.

Премиерот Ковачевски рече дека за нашата држава, Канада е вистински пријател и оцени дека постојат можности за унапредување на соработката во делот на инвестициите.

Во однос на ситуацијата во Украина, премиерот Ковачевски нагласи дека политиките на Владата се и ќе бидат на линија на позициите на стратешките партнери на Република Северна Македонија – НАТО и Европската Унија.

Претседателот на Владата, Ковачевски, рече дека Владата на домашен план е посветена на изнаоѓање решенија за заштита на животниот стандард на граѓаните и за поддршка на компаниите со цел надминување на тековните економски и енергетски предизвици, како и дека останува посветеноста за членство во ЕУ во рамките на кои заложби се и разговорите со Република Бугарија, кои се поставени на ниво на меѓусебно почитување.

На средбата е констатирано дека иницијативата „Отворен Балкан“ дава резултати преку поедноставени процедури на функционирање во повеќе области. Притоа нагласено е дека местото на Република Северна Македонија, како и на земјите од регионот, е во Европската Унија, како и дека тоа е од важност и за Унијата и нејзината стабилност.