Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски одржа состанок со здруженијата на одгледувачи на свињи и Асоцијацијата на земјоделци, на којшто се разговараше за потребата од донесување на нови мерки за поддршка на свињарството и за одржување на домашното производство на свинско месо, поради зголемување на цените на добитична храна и падот на цените по заклано грло.
Министерот Николовски изјави дека заеднички со сточарите е договорено преку планираната Програма за интервентен фонд да се обезбеди дополнителна мерка од 1.500 денари по грло за гоеници со тежина над 90 килограми предадени во преработувачки капацитети во периодот од феврурари до април.
„Оваа мерка е по барање на сточарите и се воведува поради падот на цените по заклано грло и покачување на цената на добиточна храна, а со цел да ги анулираме трошоците на сточарите, и да имаме одржливо производство на домашно свинско месо. Дополнително, на состанокот се договоривме и за воведување на нова мерка во годинешната Програма за финансиска поддршка, односно нова субвенција од 3.000 денари по маторица за категоризирани фарми. Овие две мерки се дополнителен стимул за развој на свињарството во износ од скоро два милиони евра, со кои покажуваме вистинска грижа за секоја земјоделска гранка и за одржливо домашно производство“,изјави министерот Николовски.
Претставниците на земјоделските здруженија изразија задоволството од најавените нови мерки и изразија благодарност до министерот Николовски и Владата за грижата што ја покажуваат кон свињарството како сточарска гранка. Благодарение на оваа мерка, изјавија дека нема да има зголемување на цените на свинско месо на домашниот пазар кој целосно се задоволува од домашно производство.
Дополнително министерот Николовски посочи, дека веќе се прават подготовки за нов наменски оглас за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп за сточари.