Во Собранието денеска e ратификуван Договорот за соработка во туризмот меѓу владите на Македонија и Косово, потпишан во Скопје, на 16 септември 2021 година.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, преку својот фејсбук-профил соопшти дека овој договор ќе придонесе во развојот на односите во областа на туризмот меѓу двете земји.
„Нашите земји ќе ги преземат сите неопходни мерки за промовирање и поттикнување на развојот на туристичките односи, за олеснување на туризмот со поддршка на туристичките агенции и други структури и организации кои работат во областа на туризмот. Исто така, ќе се создадат поволни услови за инвестиции во областа на туризмот, како и можности за размена на искуства во областа на стручно оспособување на кадри од туристичката индустрија од други земји.
Со ратификацијата на Договорот за соработка во туризмот ќе се поттикне и реализацијата на целите на двете земји, а воедно ќе се поддржуваат и во регионалните туристички интеграции“, напиша Бектеши.
Овој договор ќе важи за период од пет години.