26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски – Предан: Словенија силно ги поддржува европерспективите на државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со Милан Предан, амбасадор на Република Словенија во нашата држава.

На состанокот е врачено писмо со честитки од словенечкиот премиер Јанез Јанша за мандатот на премиерот Ковачевски.

Пренесена е и силна поддршка од Република Словенија за евроинтеграциските перспективи на Република Северна Македонија.

Оценето е дека воспоставениот дијалог и позитивната енергија помеѓу премиерите Ковачевски и Петков и владите на Северна Македонија и Бугарија е значаен придонес во развојот на добрососедските односи помеѓу двете држави.

Исто така, истакната е потребата од фокус на сите политички субјекти кон конструктивни политики што овозможуваат напредок на државата.

„Ја покачивме минималната плата, намалена е невработеноста, имаме раст на економијата, ги решаваме прашањата околу енергетската состојба. Правиме конкретни чекори за унапредување на квалитетот на живот на граѓаните. По членството во НАТО, нашата друга стратешка цел се евроинтеграциите и во тој процес сме поставени принципиелно, со фокус кон европските вредности, меѓусебно почитување и заштитата на достоинството на граѓаните“, рече премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата, Ковачевски, изрази благодарност за искреното пријателство со Словенија и за големата принципиелна поддршка што ја дава Словенија на Република Северна Македонија во демократските и интеграциските процеси.

На состанокот се разгледани можности за унапредување на соработката помеѓу државите во области значајни за граѓаните на двете земји.