9.8 C
Скопје
6. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Facebook
МАКЕДОНИЈА

Сведоштво: “ Коце Трајановски ми побара да уплатам донација на партијата, ако дојдат на власт нема да имаме никакви проблеми”

Советничката парите ги дала на благајникот во општината, а сопственикот на фирмата ѝ и ги предал парите на Гордана Јанкулоска во „жолтата куќа“. И двајцата велат дека не знаат каде оделе потоа парите.

Сведокот Драги Огњаноски од градежна фирма во Скопје, кажа дека во 2006 година, пред ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе власта, донирал 300.000 денари, откако тоа од него го побарал Коце Трајановски, објави „360 степени“.

„Ми се јави Коце Трајановски, тогашен градоначалник на Гази Баба, бидејќи ние сме градежна фирма и сме работеле со општини и институции. Општината ми должеше пари, а господинот Коце Трајановски ми се јави и ми побара да уплатам донација на партијата, за сметка на тоа ако дојдат на власт нема да имаме никакви проблеми и ќе помагаат што може да помогнат“, рече Огњаноски.

Потоа Трајановски го одвел во старата жолта зграда на ВМРО-ДПМНЕ, каде што тој ѝ ги дал парите на Гордана Јанкулоска, која тогаш беше генерален секретар на партијата.

„Парите ги предадов на Гордана Јанкулоска. Ми дадоа каса прими”, рече сведокот.

На прашање на одбраната дали за ваквото однесување на Коце Трајановски пријавил некаде, сведокот одговори дека не пријавил.

За тоа како донирала пари за ВМРО-ДПМНЕ сведочеше и Суза Николовска, член и донатор на ВМРО-ДПМНЕ, шумарски инженер, а од 2009 до 2013 година советничка во Општина Гази Баба. Николовска на прашање на обвинителката Лиле Стефанова одговори дека вршела партиска функција, а била член на ВМРО-ДПМНЕ од 2002 година. Во ВМРО-ДПМНЕ донирала 200 илјади денари во 2010 година, а втор наврат заедно со сопругот донирале 60 илјади кои ги имале како заштеда и со појаснување дека цело време плаќала членарина.

„Парите ги дадов на благајна во локалната власт, каде што бев и советник, во општина Гази Баба. Ги дадов со ‘каса прими’. Не се сеќавам дали беше назначено за која цел. Не знам потоа кој располагаше со парите”, одговори Николовска, по што обвинителката рече дека е доволно и не ја испрашува повеќе.

Адвокатот на избеганиот Никола Груевски, ја праша дали на рака давала пари и дали го познава Груевски, на што таа одговори дека не дала никому на рака и не го познава Груевски лично.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во Скопје и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.

Спонзорирано: