22.8 C
Скопје
2. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Одбележан Меѓународниот ден на борба против корупцијата – неопходна е одлучна заедничка акција

Само со заедничка акција на институциите и со поддршка од јавноста борбата против корупцијата ќе има ефект! Ова е пораката од конференцијата што се одржа денес, по повод одбележувањето на 9 Декември – Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата. Конференцијата која се одржа под мотото „Избери вистински правец – избери интегритет!“ е во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Во рамките на конференцијата Државна комисија за спречување на корупцијата ги акцентираше досега реализираните активности. Зголемен број на предмети, дигитализација за поголема ефикасност, анализа за проценка на ризиците од корупцијата во повеќе области и интензивирање на соработката со повеќе институции се главните области на кои ДКСК работеше фокусирано во текот на годината. За унапредување на борбата против корупцијата и судирот на интересите, ДКСК минатата година за прв пат изготви и анализа за дискреционите овластувања во повеќе сектори.

„И покрај напорите за подобрување на состојбите, корупцијата е сѐ уште голем проблем во нашето општество, за што се потребни системска акција, поголемо вклучување на граѓаните и подигнување на свеста на јавноста за тоа дека корупцијата не смее да се толерира и не смее да биде неказнива. Повеќе од јасно е дека корупцијата влијае на развојот на земјата, а истовремено ја зголемува и недовербата кон институциите. Преку корупцијата јавните ресурси се пренасочуваат во џебовите на корумпираните поединци наместо на потребните инвестиции во интерес на сите граѓани со кои ќе се подигне квалитетот на животот. Затоа апелирам до сите институции да се вклучат и да ја зголемат ефикасноста во борбата против корупцијата“, истакна Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Во текот на 2021 година Комисијата, покрај другите активности, отвори 788 предмети, меѓу кои и за високи функционери.

На конференцијата се обрати и г. Џулијан Васало, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, кој порача: „Корупцијата ја подрива демократијата и владеењето на правото, односно основата на европските општества. Ја продлабочува нееднаквоста и ја подрива социјалната кохезија. Ги засега сите области на животот. Борбата против корупцијата е од суштинско значење за ЕУ и е во сржта на процесот на проширување. Европската комисија ја поздравува проактивноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и остварениот напредок. Но сепак потребно е уште повеќе. Напорите треба да бидат бескомпромисни и постојани. Треба да имаат за цел остварување на структурни и општествени промени, кои треба да се одржат со текот на времето. Исто така не смее да има враќање назад. Европската унија и понатаму активно ќе ја поддржува борбата против корупцијата, преку техничка и финансиска поддршка, како и преку споделување на најдобри практики.“
На конференцијата се обрати и Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО. Мрчела, честитајќи го Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата се осврна на процесот на имплементирање на препораките на ГРЕКО во земјава.

„Борбата против корупцијата останува да биде еден од приоритетите во општествата, но и во политичката агенда. За да имаме напредок неопходен е поголем ангажман на институциите за имплементација на препораките од ГРЕКО, а не само нивно прифаќање. Корупцијата не заобиколува ниту една држава, но наша заедничка заложба е да ја сведеме на минимум, а наспроти тоа да го зајакнеме почитувањето на човековите права и слободи. Во таа насока важна е да се обезбеди поголема заштита на укажувачите, кои се клучни во овој процес, како и стратешки и организиран пристап во борбата против корупцијата со заедничка поддршка на сите институции. Но, не помалку важно е паралелно да се работи на поголема едукација на јавноста и подигнување на свеста, за да се поттикне што поширока акција против корупцијата“, истакна г-динот Мрчела.

За важноста на соработката помеѓу институциите, но и за јакнењето на нивната ефикасност и интегритет во заедничката систематска борба против корупцијата, на конференцијата говореа и заменик претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г-дин Горан Мисовски, Министерот за информатичка технологија, г-дин Јетон Шаќири, претставници на институции, како Државниот завод за ревизија, Народниот правобранител и други.

Конференцијата за одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација”, кој е финансиран од ЕУ .

Спонзорирано: