Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Од 17 до 23 декември Недела на полски филм во Кинотеката

Од 17 до 23 декември во Кинотеката ќе се одржи Недела на полски филм, на која ќе бидат прикажани шест филмови од современата полска кинематографија. Манифестацијата е во организација на Амбасадата на Република Полска и Кинотеката на Македонија, и ќе биде отворена со „Не оставајте траги“, филм од 2021 година на Јан Матушински, полски кандидат за наградата Оскар.

Еколошки тероризам обвиткан со мистеријата на трилер-жанрот, воената состојба во Полска во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век и бруталниот однос кон неистомислениците на тогашната комунистичка власт, потрагата по Бога на алтернативен начин, предрасудите на црквата, бракот и семејството, сето тоа – со љубовта некаде помеѓу, се темите на шесте наслови на кинотечната програма, кои ветуваат дека ќе допрат до интересите и вкусовите на секој филмофил.

Авторите на филмовите се Агњешка Холанд (Agnieszka Holland), Јан Матушински (Jan P. Matuszynski), Јан Комаса (Jan Komasa), Малгоржата Шумовска (Malgorzata Szumowska), Марија Садовска (Maria Sadowska) и Томаш Василевски (Tomasz Wasilewski), и ако се земе предвид периодот во кој се продуцирани нивните филмови – последниве пет години – тогаш претставувањето на современата полска кинематографија, во овој случај, е повеќе од репрезентативно, велат организаторите.

Наградите кои ги имаат добиено овие наслови на филмските фестивали во светот се изразени во троцифрени бројки. Три од авторите во оваа репрезентативна селекција се жени, но филмовите на Холанд, Шумовска и Садовска докажуваат дека ним воопшто не им е потребна некоја политика на родова еднаквост, бидејќи квалитетот на нивните дела говори повеќе од сите стратегии.

Во изборот на оваа Недела на полски филм се „Траги“ (Spoor/Pokot) на Агњешка Холанд, „Не оставајте траги“ (Zeby nie bylo sladów / Leave No Traces) на Јан Матушински, „Тело Христово“ (Boze Cialo / Corpus Christi) на Јан Комаса, „Обединетите Држави на љубовта“ (Zjednoczone Stany Miłości / United States of Love) на Томаш Василевски, „Уметноста на љубовта“: Приказна за Михалина Вислоцка (Sztuka kochania: Historia Michaliny Wislockiej / The Art of Loving: Story of Michalina Wislocka) на Марија Садовска и ЛИЦЕ (Twarz / Mug) на Малгоржата Шумовска.

Спонзорирано: