Почесната конзулка на Унгарија Данела Арсовска не заслужува да биде ни кандидат за градоначалник на Скопје, затоа што е одговорна за пропаѓањето на спортската сала „Расадник“ изградена со самопридонес на скопјани, беше изнесено на денешната прес-конференција од Градската организација на СДСМ – Скопје.
СДСМ – Скопје тврди дека Данела Арсовска бега од одговори на прашања во врска со нејзиното катастрофално менаџирање на салата „Расадник“, кое било овозможено од власта на ВМРО-ДПМНЕ кога министер за финансии е Никола Груевски во 2002 година.
Претходно, СДСМ обелодени документи дека во 2002, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, спортската сала „Расадник“ била дадена под закуп на 25 години на фирмата „Империјал Данела“ со седиште на улица Благоја Гојан 24 (од 01.01.2002), кога Данела имала само 22 години: „Арсовска (тогаш Јовановска) се обврзала да го развива спортот во Општина Кисела Вода со користење на салата, но, наместо спортот, директорката Данела развивала семејни фирми – дел од нив со седиште токму на спортската сала „Расадник“ – објект изграден на државно земјиште од град Скопје преку самопридонес на скопјани“, тврди СДСМ Скопје.
На прес-конференцијата беа обелоденети повеќе документи за поврзаност на Данела Арсовска со фирми на нејзиниот татко, дека заедно воделе бизниси во државната сала „Расадник“ и на други места, како што е фирмата „РОЈАЛ ГРУП ДООЕЛ“ со седиште на ул. Народни Херои ББ Спортска сала – „Расадник“.
„Арсовска станува претседател на ССК во 2014 токму како генерален менаџер на „Ројал Груп“ и истата година дава интервјуа како „сопственик на Ројал Скопје“. Наредната 2015 година Арсовска и „Ројал Груп“ се на списокот на донатори за црквата на Никола Груевски, а Арсовска седи на иста маса со Груевски“, укажа СДСМ Скопје.
СДСМ Скопје обелодени документ за историјатот на фирмата „РОЈАЛ ГРУП ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“ од кој се гледа дека Арсовска и татко и претходно биле заеднички сопственици, а била и управител на оваа фирма со седиште во сала „Расадник“:
„Фирмата „Империал ДООЕЛ“ (претходно „Империал Данела“) ја дала на подзакуп салата „Расадник“ на семејната фирма „РОЈАЛ ГРУП“ токму во периодот кога е констатирана кражба на струја. Кога Арсовска станува претседател на ССК во 2014, кога се објавуваат информации за неа како генерален менаџер на „Ројал Груп“, тогаш се крадела струја, а фирмата „Ројал груп“ била подзакупец на Спортската Сала „Расадник“!“, тврди СДСМ Скопје.
Тие ја обвинуваат Арсовска дека додека салата „Расадник“ пропаѓала како резултат на лошо менаџирање и неплаќање огромни долгови кон ЈП, Арсовска си развивала семејни бизниси – и на државна адреса во сала „Расадник“, но и на Благоја Гојан 24 каде е регистрирана фирмата „Империал Данела“ – првиот закупец на салата „Расадник“ во 2002“.
„Од обелоденетите документи, се гледа дека Данела Арсовска била менаџер на „Хотел Империјал“, на ул. Благоја Гојан 24, каде што биле регистрирани и брендовите „Hotel Imperial“ и „Hotel Royal“ на фирмата Хотели Ројал ДООЕЛ Скопје“, велат од таму.
СДСМ Скопје обелодени и документ дека фирмата „Хотели Ројал“ е сопственик на „Хотел Ројал“ во Капиштец, и постави директни прашања до Арсовска.
„Колку приватни или семејни фирми на Арсовска имаат седиште на државна адреса во спортската сала „Расадник“, објект изграден од скопјани со самопридонес? Дали тие приватни фирми краделе струја, не плаќале долгови и исцрпувале ресурси од државната сала, за да си развиваат бизнис со хотели и други бизниси?“, прашуваат од СДСМ-Скопје.