23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев на ТВ 21: Обезбедуваме повеќе пари за општините, важно е тие да завршат за нови булевари и улици, наместо за шмизли, бикови и палми

Во интервјуто за ТВ 21, претседателот на СДСМ Зоран Заев се осврна и на законските измени со кои се зголемува децентрализацијата што значи повеќе пари и повеќе ингеренции на општините и Градот Скопје.

„Новината е дека сега имаме и институционална и фискална децентрализација. Фискалната децентрализација оди со зголемените приходи од персонален данок, и тие се зголемени двојно, од три на шест отсто, дотациите од ДВВ од 4,5 на шест отсто. Тоа се милијарди денари, една милијарда денари или 16 милиони евра, што одат на Градот Скопје, на општините и истите се распределуваат по глава на жител прво, по територија на општината и по вкупен број на населени места. Целиот пакет на Законот има одредени услови. Дотациите ќе пораснат на 6%, но наместо 4.5 отсто само 4 отсто ќе им бидат гарантирани на општините, останатите две има да ги заслужат. Ако ја растат администрацијата без аргументација само заради новите надлежности, ќе губат пари. Ако ги зголемуваат капиталните инвестиции ќе добиваат пари. Ако ефикасноста во реализација на буџетите им биде потврдена општината ќе добива награда не само за следната година туку и низ кварталите внатре, со тоа општините ќе бидат мотивирани и буквално насочени да служат на граѓаните и да бидат сервис“, посочи Заев.

Претседателот Заев истакна дека ова сериозно зголемување на средствата кон општините треба да се искористи на финансирање на проекти важни за граѓаните, затоа е важно да се одбере локална власт која инвестира во развојот наместо во непродуктивни трошоци.

„Дали сакаме овие средства кои ќе се удвојат ги видиме во нови лавови, во шмизли, во бикови или сакаме да ги видиме во нови булевари, улици, нови зелени површини? Затоа е важно како ќе одлучиме на 1 октомври. Затоа е многу важно какви градоначалници, какви програми и политики ќе одлучат граѓаните да се имплементираат во следните четири години“, заклучи Заев.