24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска на Денот на европската статистика: Сите одлуки треба да се темелат на квалитетни статистички податоци

Квалитетните статистички податоци се основа за носење издржани одлуки и политики, особено во време на голема неизвесност, како што е онаа предизвикана од пандемијата. Сите одлуки поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, или супервизорските активности се засноваат на обемно портфолио статистички податоци. Оттаму, постојаните напори за стандардизација, подобрување на квалитетот и обемот на статистичките податоци се од исклучително значење, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на настанот организиран од Државниот завод за статистика, во соработка со Шведската статистика, по повод почетокот на твининг-проектот „Зголемена достапност и употреба на официјалната статистика во Република Северна Македонија“. Со овој настан, меѓу другото, се одбележа и Денот на европската статистика, којшто секоја година се одржува на 20 октомври.

Како што истакна Ангеловска-Бежоска, пандемијата наметна предизвици за статистичкиот систем во глобални рамки, создавајќи ризици во однос континуитетот и навременоста на подготовка на постојните статистички податоци, но истовремено создаде потреба и за нови, дополнителни податоци и информации за навремена оцена на состојбите во економијата.

– За време на корона-кризата, заради брза реакција и одговор на зголемените ризици, моравме да ги приспособиме и да ги искористиме сите информации што ни беа на располагање. За таа цел, ги комбиниравме официјалните статистички податоци со подетални податоци од различни извори, како што се на пример административните, податоците од анкетните истражувања, извештаите за регулативата. Заради внимателно следење на ризиците и оцена на состојбата во економијата, започнавме со следење на алтернативните високофреквентни податоци, а воведовме и нови видови известувања поврзано со мерките за олеснување на регулативниот товар за банките, воведени како одговор на кризата ‒ посочи гувернерката.

Како што истакна Ангеловска-Бежоска, Народната банка, како дел од статистичкиот систем постојано вложува напори за подобрување на квалитетот, квантитетот и објавувањето на статистичките податоци коишто ги изготвува.

– На крајот на 2019 година, воспоставивме платформа за статистичка дисеминација, НБСтат, којашто на пошироката јавност, истражувачите, новинарите и носителите на политики, им овозможува да ги преземат статистичките податоци во онаа форма којашто најмногу им одговара на потребите. Оттогаш, постојано вложуваме напори за воспоставување поприемчива комуникација со јавноста ‒ преку подобра визуализација, соодветна содржина и поедноставен јазик. Во моментот, Народната банка спроведува е-анкета за подобар увид во тоа колку се задоволни корисниците со нашите статистички податоци и кон што треба да ги насочиме нашите идни напори ‒ посочи гувернерката.

На настанот учествуваа претставници од Секретаријатот за европски прашања, амбасадорката на Шведска во земјава Кристин Форсгрен Бенгстон и директорите на шведскиот и македонскиот завод за статистика, Јоаким Стимне и Апостол Симовски.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше и на панел-дискусијата во рамките на настанот.

Во рамките на одбележувањето на Денот на европската статистика, Народната банка ќе организира посебни тематски презентации за промоција на вредноста на статистиката, оваа година насочени кон младите економисти, како едни од клучните корисници на статистичките податоци коишто ги објавува централната банка.