23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Скопјанец од странство сподели што тој мисли за градот

Добро бе, зашто секогаш мора да најдеме нешто за што ќе се жалиме и мрчиме?

Еве да го земам Скопје на пример, прв пат дојдов после пар години надвор од земјава и се запрепастив колку е сменето. Не знам дали вие не приметувате затоа што живеете тука секој ден, ама јас доаѓам многу поретко и кога се појавуваш така од време на време сфаќаш дека разликата е огромна. Ова Скопје денес и сега не е она исто Скопје што го напуштив пред 7 години.

Кога си отидов, на улиците на големо растеа споменици и лавови, сега растат дрва. Градот беше Див Запад и ако на тротоар на Партизанска можеше да најдеш место да поминеш од паркираните коли, ќе частеше во кафана. Моите се архитекти и кога си отидов, на скајп еднаш неделно се смеевме на секоја нова глупост што ќе ја прочитавме, од рингишпили на плоштад до панорамски тркала во Вардар.

Денес градов изгледа многу почисто, некои места дури и ми е тешко да ги препознам од тоа колку се имаат сменето. Плус – точаци. Кај што сум сега, точак е поважен од кола и ептен ми е мерак дека во Скопје се возат скоро насекаде, што значи дека можеби конечно луѓево се освестија дека за да се намали гадноно загадување и самите треба да дадат каков-таков придонес. Култура на велосипедизам долго време не постоеше во Македонија и дебело каскавме зад градови како Амстердам ама драго ми е дека луѓево сконтаа дека точак е евтин и брз транспорт, а плус и добар ако сакаш да симнеш некое килце.

Исто така, културни дешавки. Не е дека сега нема од време на време концерти на Шабослав Сељаковиќ, ама пар настани на кои бев (еден од нив тој со светлосните инсталации низ повеќе места во Скопје) беше нешто што сум го гледал по градови како Берлин, не по градови како Скопје 🙂

Ова не е да ви се правам паметен и не сакам да ви солам памет. Во недела нема да гласам затоа што не сум во Скопје, ама кога би бил на ваше место, без двоумење би излегол и би гласал, пошто мислам дека сега има паметен избор и има разлика.

Се на се, ќејф ми е да го видам градов дека полека заличува на нешто. Скопје е мој град со опасно срце и душа, и без разлика кај сум, секогаш ми е драго да го видам дека после толку примени нокаути, пак стиска заби и се исправа на нозе.