Изјава за медиуми на претседателот на СДСМ Зоран Заев – интегрален текст
Почитувани граѓани,
На претпоследниот ден од кампањата сосема е јасна разликата на понудите на СДСМ и коалицијата Најдоброто за мојата општина и останатите политички партии и коалиции.
СДСМ и Коалицијата на овие избори ја имаат најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ нуди стари, потрошени кадри на Груевски, меѓу кои има и осудени лица и лица против кои се водат судски постапки.
Ние нудиме издржани проекти, проектирани според реални состојби, во рамките на буџетите на соодветните општини, со реални рокови и реален план. Кај нив, ќе видите нереални и неостварливи проекти со цел еднократно да ги измамат гласачите, без при тоа да водат сметка за буџети или реални проекции.
Додека ние решававме децениски проблеми, тие ги создаваа и комплицираа. Додека ние инвестиравме во општините и граѓаните, тие се противеа на секоја мерка што значеше повеќе пари во семејствата.
Почитувани,
Недела е ден за одлука. одберете го најдоброто за вас и вашите деца, за вашата општина, дајте го вашиот глас за број 12.
Но покрај за градоначалник, заокружете 12 и за листата за советници, затоа што развојот и напредокот на општините зависи и од локалните совети.
Да не дозволиме во советите да ни се пресликаат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ кои ги гледаме во Собранието.
Затоа во недела потребно е да ги поддржиме советничките листи на СДСМ и Коалицијата, советничките листи кои ќе реализираат, а нема да блокираат проекти.
Во недела на 17 октомври да заокружиме 12 да го избереме најдобриот градоначалник и најдобрата советничка листа за нашата општина.