Ја пренесуваме интегрално реакцијата на Максим Димитриевси за денешната прес-конференција на пратеничката од СДСМ Лидија Тасевска:
„Денеска, повторно сме сведоци како продолжуваат нападите и лажните обвинувања од страна на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ Оливер Илиевски и пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска.
И двајцата денеска излегоа со информација за моја наводна злоупотреба на службената положба за купување на државно земјиште. Кандидатот за градоначалник Илиевски во дебатна емисија дезинформира дека имотот сум го стекнал кога сум бил претседател на Советот во општината, додека пак пратеничката Тасевска дезинформира дека имотот сум го стекнал додека сум бил градоначалник. Пред да изнесувате вакви информации потребно е претходно да ги знаете фактите!
Точно е дека имам земјиште, но за него се водеше постапка 9 години, а тогаш немав ништо со политика. Како и многу други мои сограѓани работев во Ирак, спечалив пари и купив земјиште, кое не е државно како што вие дезинформирате, туку е купено од приватно лице како и многу други купувачи од мојот град во тоа време кои купија имот на таа локација “Црвенки”. Ова земјиште е уредно пријавено, со документи и сите постапки како мој имот и тоа се гледа во мојата пријавена имотна состојба во ДКСК.
Да повторам, земјиштето не е државно, туку било и е приватна сопственост во моментот на купопродажба и со истото сум се стекнал кога не сум бил претседател на Совет, ниту пак кога сум бил градоначалник, туку е стекнато пред многу години кога работев во Ирак!
Пред да излезете заеднички во јавност со дезинформации и обвинувања, потребно е подобро да се спремите. Со ваквите неосновани напади кои сакате да ги злоупотребувате во политички цели само докажувате дека вашата цел е да победите на локалните избори со лаги и притисоци.
Граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ континуирано во текот на целата кампања се соочува со закани, притисоци, местенки, но тој начин за доаѓање на власт повеќе не поминува!
Доколку пратеничката Тасевска во рок од 48 часа не се извини, ќе биде покрената тужба.