-Реконструиравме училишта, полициски станици, а верувајте наследивме општини во долгови, Владата обезбеди над 50 милиони евра за раздолжување на општините, а обезбедивме и пари за нови проекти, еве гледате преку значајни проекти на централната власт се гради атмосферската канализација во оваа општина еден од најголемите проблеми, рече потпретседателот на СДСМ и министер за внатрешни работи Оливер Спасовки на трибината „Најдоброто за нашата општина“ во Шуто Оризари.
-Изградивме над 60 градинки на територијата на целата држава, една овде во Шуто Оризари, за четири години реконструиравме улици и изградивме 1040 километри патишта, за споредба во времето на режимот за 12 години ВМРО-ДПМНЕ изгради едвај 500 километри во државата, дополни Спасовски.
Според него политиките на СДСМ се за зголемување на животниот стандард, инфраструктурата за секоја општина и град, а резултатите се видливи.
-Имавме визија за едно општество за сите, и јас сум горд што многу сериозно го градиме и успеавме и да го одбраниме, овој концепт е за сите и за Македонците и за Албанците и Ромите и Србите и секој што живее овде, – истакна Спасовски.
-Се чувствува напредок на државата, поставивме пример за демократско и отчетно трошење на парите, не ги трошиме на барок, галии и палми, не фрламе 700 милиони евра за споменици, градиме училишта, градинки, спортски сали, се она што е потреба на граѓаните. Ја зголемивме минималната плата од 9000 на 15.200 денари, минималната плата ќе биде минимум 300 евра, наредните години многу повеќе ќе растат и пензиите согласно просечната плата, секој граѓанин ќе добие подобар животен стандард, заклучи Спасовски.