25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Ја менуваме Гази Баба, таа не е само наша, туку станува гордост на цело Скопје и Македонија!

Најдоброто за Гази Баба одржа граѓанска трибина пред жителите на населеното место Стајковци, на која се обратија Борис Георгиевски, кандидатот и актуелен градоначалник на Гази Баба, Александар Саша Димитријевиќ, носител на советничката листа за Гази Баба, Петре Шилегов, кандидат и актуелен градоначалник на градот Скопје и Оливер Спасовски потпретседател на СДСМ и министер за внатрешни работи.

„Ја менуваме Гази Баба, таа не е само наша, туку станува гордост на цело Скопје и Македонија! Резултатите постигнати во овие четири годни се мојата гаранција пред вас, дека сите проекти кои ги нудиме сега нема да останат само ветување.

Ја гледам новата градинка „Пеперутка“ и срцето ми игра. Детскиот жагор ни ја врати радоста. Среќен сум бидејќи знам дека успеавме да решиме децениски проблем кој ги мачеше жителите од Стајковци до Раштак. Еве ја пред нас и новата спортска сала за училиштето Кирил и Методиј. Ја градиме со средства на општината, за учениците конечно да имаат нормални услови за спортување.

Со градоначалникот на Скопје, мојот другар Петре Шилегов докажавме дека Гази Баба е во приоритетите на градот. Ја завршивме реконструкцијата на булеварот Александар Македонски и улицата Благоја Стефковски. Се работи на реконструкција на булеварот Киро Глигоров, се гради новиот булевар АСНОМ. Успеавме конечно Хиподром, Ченто и Автокоманда да ги поврземе со велосипедска патека од двете страни. Ние градиме водоводи, а не водоскоци. Градиме канализации, а не споменици. Ги решаваме децениските проблеми.“ потенцира кандидатот на СДСМ и коалицијата Најдоброто за Гази Баба, Борис Георгиевски пред жителите на Стајковци.

Стајковци прави разлика помеѓу оние кои само ветуваат и оние кои ветувањата ги реализираат. Својот мандат во Советот ВМРО-ДПМНЕ го започна со блокади и со блокади сакаат и да го завршат.

„Изминативе четири години и градоначалникот и претседателот на Советот беа токму од тука, од Стајковци. Еве ја разликата, драги пријатели. Додека градоначалникот се бори и обезбедува пари за изградба на нова градинка во Стајковци, претседателот на Советот кочи и го блокира донесувањето на буџетот. Додека градоначалникот обезбедува нови приходи во буџетот, за изградба на салата во училиштето Кирил и Методиј, претседателот на Советот повторно блокира. Затоа после 17-ти октомври, Борис Георгиевски ќе биде повторно градоначалник на Гази Баба, ама со големо мнозинство во Советот предводено од СДСМ и коалицијата.“ истакна носителот на советничката листа за Гази Баба, Александар Саша Димитријевиќ.

Градот Скопје овие изминати четири години не ја заборави општина Гази Баба. Се работеше посветено, со една цел, Гази Баба да фати чекор со другите модерни и урбани општини од градот Скопје.

„Овде во Гази Баба одржавме лекција. Јас велам на Коце му го поправив булеварот пред едната куќа, сега му правам булевар пред другата куќа пошто не беа способни ни булеварите кои што се крвоток на нашиот град да ги поправат. Бевте сведоци дека за 30 дена го реконструиравме булеварот Александар Македонски. Ја реконструиравме комплетно улицата Благоја Стефковски, веќе со Борче договоривме, подготвивме проект и од пролет ја почнуваме реконструкцијата на улицата Перо Наков.“ – истакна Петре Шилегов, кандидат и актуелен градоначалник на градот Скопје.

Заедно со поддршка на Владата се градеа патишта, училишта, градинки, водоводни и канализациони мрежи. Владата е вистински партнер на општината изминативе четири години.

“Овде во Стајковци, во Гази Баба најдобро можевте да ја согледате разликата. Гази Баба беше заборавена и отсечена општина без водовод и канализациони системи во населените места, а имавме градоначалник на град Скопје од Гази Баба и градоначалник во Гази Баба кој во своето село не знаеше 12 години да си изгради канализација. И денеска самите признаваат дека требаше Борче да дојде за да им ги подобри условите за живот. Граѓаните кои што во изминатите 30 години немаа водовод и канализациони системи денеска самите се сведоци на една нова реалност. Се градат канализации, водоводи, патишта, градиме училишта, градиме спортски сали, градиме градинки, градиме се што е потреба за граѓаните на Гази Баба.“ истакна во обраќањето на граѓанската трибина во Стајковци, потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски.