13.3 C
Скопје
13. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Власта e исплашена затоа што понудата на ВМРО-ДПМНЕ се нови и мотивирани кадри

Нам ни треба да создадеме нова иднина. Нова иднина што се темели на шанси за обичниот човек. Надежта е способност да се виде светлината и покрај сите темнини. Иднина и надеж, која ќе донесе промени, проекти и победи. Иднина што ќе стави крај на сите порази и неуспеси во минатите години. Иднина и надеж, што ќе ја смени сликата на македонската политика, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред граѓаните на митингот во Радовиш.

Мицкоски истакна дека одбива да биде дел од политичарите со скандали и афери, но и дека власта е исплашена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ нуди нови и мотивирани луѓе, кои влегуваат во политиката за да дадат, а не да печалат за себе.

„Одбивам да бидам дел од политичарите што ја тонат Македонија во едноличност, афери и скандали. Време е за надеж. Надеж што ќе биде одново изградена од новата генерација македонски политичари, кои ќе работат на создавање на новата иднина. Затоа е исплашена власта. Затоа што понудата на ВМРО-ДПМНЕ се нови и мотивирани луѓе. Луѓе што влегуваат во политиката за да дадат, а не да печалат од политиката за себе“, рече Мицкоски.

Додаде дека се бори за иднина во која заедно со граѓаните ќе се градат мостови и ќе се рушат ѕидови меѓу народот, иднина што ќе значи почит за земјоделците, работниците, иднина и надеж за народот.

„Јас се борам за иднина во која заедно ќе градиме мостови и ќе рушиме ѕидови меѓу народот. Да создадеме иднина што ќе роди нова надеж кај напатениот народ. Иднина и надеж, што ќе ги направи општините да му служат на народот. Иднина и надеж, што ќе значи почит кај земјоделецот. Иднина и надеж, каде што работникот ќе биде повисоко на пиедесталот од политичарот. Иднина и надеж, каде што слабите ќе ја имаат заштитата, а силните нема да ја злоупотребат силата. Иднина и надеж, во која ќе се знае дека народот е вистинскиот газда во Македонија“, порача Мицкоски.