На Економскиот форум во Белград, на кој вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, учествуваше како говорник на панелот посветен на односите ЕУ – Западен Балкан во контекст на престојниот самит, беше дискутирано кои се очекувањата и како да се обнови довербата во европското ветување кон регионот.
На прашањето до панелистите – „Како е да се биде во чевлите на другиот?“, односно европската перспектива од аспект на ЕУ и одговорноста во процесот, Димитров истакна дека постои поделена одговорност и задача за двете страни – Унијата се соочува со многубројни предизвици за иднината на процесот на европска интеграција, но заложбата во регионот е клучна за зајакнување и на внатрешен план и надворешно како глобален актер, а земјите од Западен Балкан треба да дадат соодветни аргументи за поддршка на нивното членство во процесот на европеизацијата.
„Не сме центарот на универзумот, односно Балканот не е најважното прашање бидејќи ЕУ навистина помина низ серија кризи последниве години – од финансиската, еврозоната, миграциите, брегзитот, до кризата во која некои од земјите членки не веруваат дека некои други докрај ги почитуваат европските вредности на кои се нафатиле, пред сѐ, во делот на темелниот договор за владеење на право, независност на медиумите, демократијата. Од нивна перспектива, кога ги оформуваат позициите, размислуваат дали шесте земји на Балканот ќе донесат решение или имаме повеќе проблеми? Во таа смисла Балканот треба да даде аргументи за да ги убеди носителите на одлуки и јавноста зошто процесот на обединување на Европа е императив“, рече Димитров.
Тој се осврна и на геостратешката димензија на процесот на проширување, при што нагласи дека единствената алтернатива и за ЕУ и за Западниот Балкан е европската, односно споделената иднина.
„Европската Унија, без оглед колку и да е зафатена, нема луксуз да го игнорира или запоставува регионот што географски е во средината. Амбицијата да биде глобален играч што ќе поседува стратешката автономија се однесува на геополитичка моќ и ако не можете да направите разлика во регион што ве опкружува, каде што имате земји членки што сакаат да пристапат во согласност со ветувањето дадено пред 18 години, каде тогаш ќе направите промена? Ова е регионот каде што ЕУ примарно се тестира затоа што влијанието на ЕУ тука е најголемо, не само поради географијата туку и поради политичкиот контекст. Јас сум убеден дека немањето ангажман, односно оставањето на Балканот настрана, ќе чини многу повеќе отколку европеизацијата на Балканот, ЕУ мора да го препознае тоа како шанса да направи разлика со своето дејствување. Ако Балканот е исклучен од обединета Европа, тоа е лошо за самата Европа и безбедносно и политички и вредносно, сите ќе бидеме далеку подобри ако нашите политики се усогласени, ако овде владее правото и ако има цврсти демократии во шесте земји од Балканот – ако бидеме една сложна куќа во која сите соби се интегрирани во системот“, потенцира Димитров.