Вчера, на 75-годишна возраст почина Василе Димески, поет, драмски писател, критичар, есеист, соопшти Друштвото на писатели на Македонија.
Димески е роден во 1946 година во Прилеп. Средно образование завршува во родниот град, а Филозофски факултет, Група историја на југословенските книжевности во Скопје. Паралелно со студиите работел прво како соработник, а потоа и како уредник на културната страница во весникот „Студентски збор“. Кога се вратил во Прилеп се вработил како професор по македонски јазик во електромашинскиот училиштен центар „Ристе Ристески – Ричко“, каде што го поминал поголемиот дел од работниот век.
Автор е на следните поетски книги: „Бакарни ѕвона“, 1982; „Изместена земја“, 1999; „Сеопшта песна“, 1999/2001; „Тука запира сѐ“, 2001; „Аксиј сѐ уште тече“, поема, 2003; „Градови паѓаат за тебе“, 2007; „Немаше град“, 2009; „Дрво што оди“, 2009; „Не е ноќ дури те памтам“, 2010; „Татко мој, татко мој“, 2011; „Прикрепи ми ја ракава мајко“, 2012; „Седмиот ден“, поема, 2014; „Ноќва душава си ја изедов“, 2017.
Ги има објавено и драмските книги „Квадратура на кругот“, „Војводата од пусто турско“, „Условен рефлекс“, „Крвавиот ангел“ (со драмите „Страданијата за За-Зо Кулибан“, „Да, госпоѓо Фирер“ и „Враќањето на За-Зо Кулибан“) во 2000. Во 2002 г. ја издаде книгата полемики „Мојата пресметка со нив“.
Добитник е на наградата „Державин“ за стихозбирката „Ноќва душава си ја изедов“ во 2017 година, како и на диплома „3 Ноември“ на Град Прилеп за достигнување во областа на литературата. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2001 година.