Демократската унија за интеграција најостро го осудува физичкото и родовото насилство за време на вчерашниот протестен марш во Тетово, по повод катастрофалниот пожар во модуларната ковид-болница.
„Политичката бруталност на албанската опозиција, изразена преку нејзината скриена рака, не познава граници, ниту болка за семејствата на починатите, кои за жал, ги загубија животите во трагедија што досега не сме ја доживеале. Ова е уште еден доказ за обидите на опозицијата да добијат ниски политички поени во пресрет на локалните избори“, се наведува во партиската реакција.
Од ДУИ ги повикуваат политичките опоненти, како што велат, да не си поигруваат со чувствата на граѓаните и со тоа да не ги отвораат раните на членовите на семејствата.
Од партијата на Ахмети исто така го осудуваат и вербалното родово насилство и бруталните пароли, што биле користени од страна на организаторите.
„Ја осудуваме и злоупотребата на малолетниците, кои можеа да се видат на овој протестен марш, кршејќи ги нивните права“, се наведува во соопштението во кое се додава дека истражните органи заедно со германските експерти веќе ја извршуваат нивната работа, со цел што е можно поскоро да се разјаснат причините што довеле до трагедијата.