23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Турски државјани и фирма од Тетово осомничени за обид да избегнат плаќање акциза

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца државјани на Република Турција и едно правно лице со седиште во Тетово, кои се осомничени за кривично дело – Избегнување на плаќање акциза согласно член 279-б став 1 и став 5 соодветно, а во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

Осомничените, управител и одговорно лице во тетовското правно лице, се обиделе да пуштат во промет акцизни добра без акцизна дозвола, со што би избегнале плаќање на акциза во вкупен износ од 792.514 денари.

На 6 март, на царинската испостава „Блаце“ осомничените пријавиле за увозно царинење 29.800 килограми бруто маса адитив, а на царинската испостава „Скопје 1“ уште 29.750 килограми бруто маса адитив. Двете пратки од испраќач од Обединетите Арапски Емирати имале приложена царинска декларација која се однесува на препарати против детонација, препарати за спречување оксидација, за спречување на таложење смола, подобрувачи на вискозитет, антикорозивни препарати и други адитиви за минерални масла. По извршена контрола и земени мостри од пријавената стока, било утврдено дека се работи за различна стока од наведената во царинската декларација, односно дека станува збор за масла добиени од нафта, средни и тешки масла за други намени.

Јавниот обвинител оцени дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и повторување на делото, па до судијата на претходна постапка во Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени странски државјани. Судијата го прифати предлогот и им определи притвор во траење од 30 дена, кој за едниот осомничен е веќе ефективен, додека за другиот ќе се реализира по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.