Зоран Заев и Венко Филипче повторно како и во текот на целата пандемија прават катастрофално погрешни чекори. Или со еден збор циркус Влада, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„На праг на четвртиот бран наместо да понудат решенија, тие репресираат и на сила и заплашувачки, дискриминаторски се однесуваат кон граѓаните. За СДСМ има само вакцинирани, а за живи не ги сметаат оние кои имаат створено антитела преку прележување на корона вирусот. Такви се над 200 илјади лица кои имаат прележано коронавирус, односно околу 150 илјади официјално и сигурно уште околу 50-тина илјади кои не се пријавени и сите тие имаат најголем дел развиено антитела. За Филипче и Заев овие луѓе не постојат, односно ги дискриминираат и по секоја цена сакаат да ги одвојат и жигосаат. Имунитет имаат и едните и другите, но за Филипче важни се само оние кои што се вакцинирани“, смета Арсовски.
Додаде дека никој не е против вакцинирање, само мора како што рече да се излезе од насилната матрица на Владата на Зоран Заев, на Венко Филипче и оние кои што имаат стекнато имунитет преку прележување на болеста, да бидат исто третирани како и оние кои што се вакцинирани.
„Никој никому не смее да му оспори право на живеење и секојдневие ако има стекнато имунитет на едниот или другиот начин“, нагласи Арсовски.
Според него, целта на сето ова кое што во моментов го спроведува Венко Филипче е да се плаши и репресира населението односно граѓаните пред претстојните локални избори.
„Заев и Филипче цело време се занимаваат со последици, а никако да превенираат од последиците. Ова што се случува денес е резултат на целосно игнорирање на проблемот со коронавирусот и многу задоцнета имунизација. Но, тоа е резултат од трката по провизии од набавка на вакцини. И наместо да се стави акцент на набавка на вакцини, се ставаше акцент на провизии од вакцини, за сега да репресираат и дискриминираат насилно“, истакна Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, апелира на вакцинација, но како што истакна,треба да се почитува и правото на избор, односно да не се дискриминира на еден или на друг начин, и да се почитува правото на избор на оние различните, на оние кои мислат поинаку од останатите, односно кои што мислат поинаку од Владата.
„Борбата со короната не се води со плашење на сопствениот народ, со влевање страв, туку со разумни одлуки кои што ќе дадат резултати. Ова во моментов што го гледаме е само насилие врз сопствениот народ. Потребни се ативни мерки, а не казна и репресија врз граѓаните“, потенцира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.