12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Вицепремиерот Димитров на средба со чешкиот заменик МНР, Хмелар

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров вчера имаше средба со заменик министерот за надворешни работи на Чешката Република, Алеш Хмелар, на која се разговараше за последните случувања поврзани со евроинтегративниот процес на Северна Македонија.

Соговорниците разменија мислења за можностите и очекувањата за надминување на проблемот околу блокадата на пристапниот процес во наредните месеци, но истовремено беше истакната и важноста од спроведувањето на домашниот реформски процес.

„Владата на вчерашната седница ја донесе Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, во која се содржани плановите за усогласување на националното законодавство со правото и стандардите на ЕУ. Ова е израз на нашиот одговор на последните случувања – без оглед на се’, ние продолжуваме да одиме по патот кој го имаме зацртано за европеизација на нашето општество. Никој не може да не’ блокира во оваа намера“ – нагласи Димитров.

Чешкиот заменик министер изрази жалење за неуспехот да се постигне консензус за Преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција на јунскиот Совет на ЕУ, потврдувајќи дека позицијата на Чешка по однос на нашиот пристапен процес останува непроменета и поддршката ќе продолжи и во наредниот период.

„Чешка е голем поддржувач на политиката на проширување, а пристапувањето на земјите од регионот ќе биде меѓу главните приоритети за време на чешкото претседателство со ЕУ, во втората половина на следната година“ – истакна Хмелар.

На состанокот се разговараше и за можностите за продлабочување на билатералната соработка и искористувањето на чешкото искуство во специфични секторски области.