,,Во тек е внатрепартиската постапка во СДСМ за избор на кандидати за градоначалници и советници, имаме транспарентна, отворена постапка и за луѓе кои не се членови на партијата. СДСМ се докажа како инклузивна и партија отворена за нови идеи, нова енергија, рече на денешниот брифинг генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски
-Досега имаме 562 кандидати за градоначалници и 4.530 кандидати за советници. Самиот број покажува дека овој голем интерес е поради тоа што СДСМ е фаворит на изборите.
Тој рече дека освен анкети и истражувања на јавното мислење прават и анкети на мислењето на секој член на СДСМ со помош на дигиталната база.
-Нашата внатрепартиска демократија и тука се гледа, почнуваме од најниските организации, месните организации. Внимаваме на вредностите, на родовата и младинската застапеност согласно статутот на партијата, односно 50 отсто застапеност на жени (поставени наизменично во редоследот) и 33 отсто, односно една третина млади. На концептот едно општество за сите, односно застапеност на советници и советнички од останати етнички заедници, лица со попреченост и слично, рече тој.
Според него СДСМ и на овие локални избори излегува со најдобрата понуда за секоја општина и преку кандидатите за градоначалници, но и преку листите за советници, кои ќе бидат отворени и за луѓе кои не се членови на партијата но ги делат социјалдемократските вредности и уживаат углед во околината во која живеат.