23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Заев е таткото на спорот со Бугарија

На вчерашната Годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ на која се обрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека Македонија е се подалеку од Европската Унија, а тоа е така не само заради блокадата од страна на Бугарија, туку поради власта.

Исто така истакна и дека Зоран Заев е таткото на спорот со Бугарија, а нашиот идентитет наша црвена линија.

„4 години украден живот. 4 години на силна политизираност на судството и недостижност на правдата. Македонија треба веднаш да почне преговори со Европската Унија. Овие луѓе овде, но и тие кои што денеска не се со нас, македонскиот народ, нација и држава заслужуваат веднаш без дополнителни условувања, без дополнителни анекси, стратешки документи или како сакате наречете ги, веднаш следниот понеделник или вторник да добие почеток на претпристапните преговори со ЕУ.“ истакна Мицкоски

Тој додаде дека македонскиот народ тоа го заслужува и дека вредностите кои што овој народ ги споделува се истите како и вредностите на останатите граѓани од земјите членки на ЕУ.

Мицкоски упати порака и кон европските лидери каде што побара ЕУ повеќе да не одолговлекува и што поскоро Македонија да започне со преговори со ЕУ, не заради Зоран Заев и останатите криминалци, туку заради македонскиот народ.

Мицкоски повторно испрати порака, искуството и делата говорат дека на Зоран Заев не може да му се верува околу тајните преговори со Бугарија, но и потврди дека ВМРО-ДПМНЕ и идната недела ќе продолжи со протестите.

„Искуството и делата велат дека на Заев не може да му се верува. За тоа сме на улица, за тоа сме на овие протести и за тоа ќе продолжиме и во понеделник, и во вторник следната недела. За тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заедно со народот на улица. Едноставно кога нема како, во услови на медиумски мрак мора да излезе вистината на виделина. За тоа што на Зоран Заев едноставно не може да му се верува“, додаде Мицкоски.

На крај претседателот на ВМРО-ДПМНЕ повтори дека нашите црвени линии се македонски, тоа е идентитетот, посебноста, историјата, јазикот, културата, обичаите и дека не смееме да дозволиме уште едно национално предавство.