Разловечкото востание има посебно значење за македонскиот народ. Со него почнува организираната борба против неправдата, угнетувањето, теророт врз македонскиот народ за време на петвековното османлиско ропство.Тоа е симбол на непокорот на нашиот македонски народ и предвесник на неговата борба за слобода, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, по повод одбележувањето на 145 години од Разловечкото востание во село Разловци.
Таа потенцираше дека поради непоколебливоста на нашиот народ и нескршливоста на неговиот дух, денес Република Северна Македонија е слободна, независна и современа, држава која одлучно чекори кон големото европско семејство, земја полноправна членка на најмоќниот военополитички сојуз – НАТО.
„Секое време носи нови предизвици, секоја генерација има свои битки, секој чекор напред има преќчи. Од тука нашата одговорност како граѓани, како политичари и носители на одлуки е огромна. Пандемијата со Ковид-19 е светски економски, но пред сè здравствен предизвик пред кој и најмоќните економии беа ставени на тест. За нас како влада два предизвика беа приоритетни: зачувување на секое работно место и подршка на граѓаните, но пред сè ранливите за полесно да ја премостат кризата. Успеавме со јасно дефинирани и навремени 6 пакети на финансиска помош да спасиме 80. 000 работни места. Дополнителни 6.500 домаќинства да добијат ГМП, финансиски ги помогнавме невработените, пензионерите, самохраните родители и останати граѓани. Сега наш предизвик е процесот на вакцинација кој ќе ни помогне да излеземе од пандемијата и сериозно да почнеме со закрепнување на македонската економија и враќање на нашето нормално секојдневие“, порача Шахпаска.
Во своето обраќање, градоначалникот Трајковски истакна дека за славното Разловци во 1876 година, секогаш се зборува со посебен пиетет но, треба да се зборува и вложува и за сегашноста и за иднината, при тоа изразувајќи благодарност за поддршката од Владата за реализацијата на клучни проекти во ова село кои значат подобар квалитет на животот на жителите на најодалеченото село во делчевската општина.
„Изминатиов период решававме децениски проблеми во ова село. Градевме патна инфраструктура, го решававме проблемот со недостигот на вода, проблемот со наводнувањето, со комуналниот отпад. Наскоро ќе започнат градежни активности за изградба на локалниот пат Делчево-Тработивиште, со што ова село добива нова патна алтернатива. Свесен сум дека има уште работа во селото, но верувам дека со посветена работа и наредниот период ќе продолжиме да ги затвораме и другите отворени прашања и ќе одговараме на потребите на граѓаните“ , рече градоначалникот.