26.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ поднесе 2.000 амандмани на предлог-законот за служба во Армијата

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе приближно 2.000 амандмани на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македониј, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

„Целта на нашите амандмани е подобрување на условите за пензионирање и давање можност на активниот воен и цивилен персонал во Армијата да му престане работниот однос по сила на законот со остварување право на пензија со навршување 40 години стаж или со навршување 55 години возраст. Доколку ова не биде на овој начин регулирано како што бараме, ќе се појави контрадикторност и ќе се изгуби смислата од потребата на бенифицираниот стаж“, рече тој.

Исто така, додаде Стојаноски, бараме и предлагаме да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос.

„Со ваквото законско решение во целост би се почитувала темелната и основната вредност на уставниот поредок во Македонија, односно ќе се почитуваат основните слободи и права на човекот утврдени во нашиот Устав, каде што јасно и прецизно пишува дека сите ние сме еднакви пред Уставот и законите во Република Македонија“, рече пратеникот.

Стојаноски изјави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да дозволи повторно да биде лажно обвинета за блокирање на Собранието или, пак, како што рече, лажно обвинета дека е против Армијата на Република Македонија, против војниците и против подобрување на условите во Армијата.