20.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Димитров – Лииметс: Шансите за ревитализирање на политиката на проширување на ЕУ се во македонскиот случај

Работната посета на Естонија, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров утрово во Талин ја започна со средба со министерката за надворешни работи Ева-Мариа Лииметс.

Димитров и Лииметс разговараа за клучните аспекти од европското досие на Северна Македонија со фокус на можностите за што побрз пробив на евроинтегративниот пат, за што Естонија конзистентно изразува поддршка.

„ Естонската приказна е многу успешна и Северна Македонија може и треба многу да научи од пријателска Естонија. Естонија е пример за тоа како една земја може да се развие и напредува, искористувајќи ги сите расположливи капацитети. Денес, во Талин, од мојата колешка Ева-Марија уште еднаш добив уверување дека Естонија ќе продолжи безрезервно да нè поддржува во процесот на европеизација на нашето општество” изјави Димитров.

Тој напомена дека Северна Македонија направи големи чекори во последниве години, како на реформски план, така и во однос на затворањето на тешки билатерални прашања. Токму поради тоа, се очекува и Европската Унија конечно да ги исполни своите ветувања. Тој додаде дека шансите за ревитализирање на политиката на проширување на ЕУ се во македонскиот случај, кој претставува вистински тест за сериозноста на Унијата и нејзиното влијание во регионот.

Министерката Лииметс ја реафирмираше принципиелната поддршка за европската иднина на нашата земја и спремноста за споделување на успешното естонско евроинтегративно искуство. Таа нагласи дека е неопходно Европската Унија доследно да ја примени новата Методологија за пристапување и да ги разгледа сите можности за што поскоро да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија.

Воедно, на средбата соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу земјите преку техничка и експертска поддршка, особено фокусирајќи се на споделување на естонските искуства од процесот на дигитализација.