„Кризата беше предизвикана од недостатокот на вакцини што е резултат на глобалниот недостаток. Тој проблем се решава, во текот на април и мај веќе пристигнуваат сериозни количини вакцини во земјава и масовната имунизација на граѓаните е веќе во тек. Сведоштвата на граѓаните за начинот на организација и на спроведување на вакцинацијата се позитивни и очекувам брз раст на бројот на вакцинирани граѓани. Македонскиот здравствен систем никогаш пред пандемијата немал повисока доверба кај граѓаните. Здравството демонстрираше капацитет да се справува со сериозен глобален предизвик, од една страна да се обезбедат капацитети за итните случаи, од друга страна да се информира населението за мерките за заштита и од трета страна да се обезбедува неопходниот имунитет. Во овие прилики, херои се сите здравствени работници кои беа и се уште се на браникот на јавното здравје. И навистина е штета што еден “Космонаутко”, најпопуларниот наш здравствен работник, за ЕУ е кандидат за македонски Европеец на годината, а за Мицкоски е тема за потсмев и неверување. Осудени се на пораз тие што се потсмеваат со националната и со индивидуалната борба со коронавирусот.“- вели Марјан Забрчанец, Национален координатор за комуникациски стратегии, во интервју за Слободен печат.
Уверува дека владините здравствени мерки имаат ефект и дека пандемијата се држи под контрола уште од самиот почеток.
„Реалноста е дека бројките се во сериозен пад, а тоа се должи на навременоста и соодветноста на мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести и на степенот на одговорност на институциите и на граѓаните. Смртноста од пандемијата е сурова, но таа кај нас не отстапува од она што е просек во регионот.“- дополнува Забрчанец.