10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тројца скопјани обвинети за вооружени грабежи во обложувачница и во аптека

Скопското Основно јавно обвинителство поднесе обвинение против три лица за кривични дела разбојништво.

На 31 јануари тројцата обвинети влегле во спортска обложувачница на улицата 1613, па покажувајќи метален пиштол со пластична рамка, му се заканиле врз животот на еден вработен и одзеле импровизирана картонска кутија, во која имало 32.000 денари во разни апоени. Потоа со возило избегале од местото, а парите ги поделиле.

Двајца од обвинетите на 1 февруари сториле уште едно разбојништво, така што влегле маскирани во аптека на булеварот Видое Смилевски – Бато и на вработената ѝ се заканиле со метален пиштол со пластична рамка барајќи да им ги даде парите од дневниот промет.

Вработената го отворила малиот прирачен сеф на наплатното биро, но во него немало пари. Еден од обвинетите почнал да се обидува да ја отклучи фиоката на регистар-касата со дневен промет, но по неколку обиди, клучот се заглавил и се скршил. Потоа тој со физичка сила насилно ја откорнал втората заклучена регистар-каса, во која имало околу 3.000 денари, ја одзеле и двајцата обвинети почнале да бегаат.

Но, ги забележале полициски службеници, кои почнале да ги бркаат обвинетите. Во моментот кога бил престигнат, еден од обвинетите ја фрлил касата кон полицајците по што бил совладан и лишен од слобода.

Другиот обвинет, пак, влегол во влез на една од зградите и го скрил пиштолот во пластичната таванска ламперија на влезот.

Имајќи го предвид видот и карактерот на стореното кривично дело, предвидената казна, личните околности на обвинетите, можноста за бегство и за повторување на делото, надлежниот јавен обвинител доставил посебен предлог за продолжување на определената мерка притвор за тројцата обвинети.​