19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Два милиона евра неповратни средства за поддршка на проекти на стартап- и спиноф-компаниите

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори, Фатмир Битиќи, и директорот на Фондот за иновација и технолошки развој, Коста Петров, денес го промовираа јавниот конкурс за стартап- и спиноф-компании – „Стартапувај 3“.

Вицепремиерот Битиќи соопшти дека со овој конкурс ќе бидат овозможени 2 милиона евра неповратни средства финансиска поддршка за македонскиот стартап-систем.

„Целта на овие повици е трансформацијата на стартап-екосистемот и создавање конкурентен и силен систем, кој ќе има огромно позитивно влијание врз домашната економија и ќе придонесе за нејзина интернационализација“, нагласи Битиќи.

Вицепремиерот се осврна на потенцијалот, кој, како што истакна, Владата го препознава во стартап-бизнисите и кон целата поддршка што досега им е дадена.

„Владата на Република Северна Македонија гледа навистина голем потенцијал во идеите на младите и иноватни луѓе, а доказ за тоа се и досегашните 305 поддржани стартап-компании со инвестиција од над 17 милиони евра. Како претседател на новооформениот стартап-совет, со голема гордост учествувам во сите проекти што ги развиваме, со цел да ги олесниме условите за создавање сопствен бизнис во нашата земја. Целта на постоењето на советот е токму во тоа – да ги разгледаме сите потенцијални предизвици што може да се надминат и модифицираат и да се создадат најповолни услови и околности за инвестирање во нашата земја“, потенцира вицепремиерот.

Беше посочено дека еден од главните предизвици на работата на стратап-советот е развивањето подобри регулативи преку создавање нови и ажурирање на постојните прописи и создавање платформи, кои ќе ги намалат трошоците за стартап-компаниите и ќе ги олеснат административните процедури.

„Така, Законот за иновациската дејност, кој е креиран според новите трендови и кој првпат ќе ги вклучува и бизнис-ангелите“ во рамките на своите одредби, а на тој начин ќе обезбеди подобар пристап до финансиите и подобар ангажман на корпорациите и нивните инвестициски фондови во македонскиот стартап-екосистем. Истовремено, ние сме посветени и на привлекување дигитални номади и нашата намера е да создадеме адаптирани законски измени и погодни услови за престој и работа на странците во нашата земја. Ова би било од голема корист за економијата на земјата бидејќи заработениот приход на странците ќе се потроши во Република Северна Македонија придонесувајќи за растот на домашната економија. Исто така, сакам да посочам дека пред само една недела Владата донесе одлука за формирање работна група за подготовка национална стратегија за вештачка интелигенција, на која гледаме како дел од планот за економски развој на Република Северна Македонија“, заврши Битиќи.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров, имаше детаљна презентација на јавниот конкурс, при што посочи дека ова е веќе трет по ред јавен повик од овој вид, во кој се воведени важни новитети, кои значително ги подобруваат условите за аплицирање и го олеснуваат пристапот до финансиски средства за стартап- и спиноф-компаниите.

„Целта на сите овие промени е да им го олесниме патот на компаниите што имаат потенцијал да реализираат иновативни бизнис-идеи. Поддршката преку овој повик е наменета на проекти што имаат најмалку потврден концепт и јасна амбиција за комерцијализација, како и проекти што се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза“, истакна директорот на ФИТР.

Петров нагласи дека првпат на овој повик може да аплицира и тим што се состои од најмногу 5 члена – физички лица. Во овој случај апликантот е обврзан во рок од 30 календарски дена по приемот на известувањето за селекција на предлог-проектот да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51 % од членовите на тимот. Правилникот со сите информации е веќе објавен на веб-страницата на Фондот.

„Во однос на активностите што ќе бидат одобрени за финансирање, некои од оние што ги поддржуваме се за истражување и развој, развој на пилот-линии, производ или услуга, активности за тестирање и валидација, активности за тестирање на пазарот и други. Во делот подобни трошоци во интерес на времето ќе издвојам само неколку од нив, а тоа се бруто-плати за лица што се или ќе бидат вработени кај корисникот, набавка и/или изнајмување опрема и потрошни материјали за истражување и развој, како и поддоговорни услуги за истражување и развој“, рече директорот Петров.

Директорот на ФИТР нагласи дека првпат на јавниот повик „Стартапувај“ добиените средства ќе бидат неповратни, што претставува уште еден сериозен поттик и олеснување за македонските стартапџии да добијат шанса за реализација на нивните проекти.

„Фондот ќе обезбеди до 40.000 евра (до 90 %) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва до 3 години постоење, односно до 60.000 евра (85 %) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва со над 3, а помалку од 6 години постоење. Преостанатиот износ од 10 %, односно 15 % од вкупниот буџет за проектот ги обезбедува апликантот“, додаде директорот.

Покрај финансиската поддршка, на сите креативни и иновативни стартап-компании што ќе аплицираат на овој јавен повик, Фондот им нуди и дополнителна поддршка преку нивните партнери. Со соработката со НЛБ банка и бакната „Силк роуд“, на компаниите им стојат на располагање повеќе кредитни производи и услуги по привилегирани пониски каматни стапки од редовните.

„Нашата држава има причина да се гордее со фактот дека Фондот за иновации и технолошки развој пред една недела стана првиот стратешки партнер за Amazon Web Services за Северна Македонија, со што на корисниците на ФИТР, особено стартапите во државата, им се достапни кредити во износ до 10.000, 25.000, сѐ до 100.000 американски долари“, рече директорот на Фондот, при што додаде дека ќе продолжи праксата за овозможување менторска поддршка за сите стартап- и спиноф-компании во фазата на подготовка, развој и реализација на идеите.

Директорот на ФИТР посочи дека веќе од утре ќе почнат инфо-сесиите во рамките на кампањата #45ДенаСтартапувај, при што во наредните 45 дена сите заинтересирани ќе имаат можност да ги чујат советите на некои од најупешните претприемачи и експерти во државата.

На јавниот конкурс „Стартапувај 3“ сите заинтересирани стартап- и спиноф-компании ќе може да аплицираат во наредните 45 дена, сѐ до 12 јуни 2021 година, до 14 часот, а целата проектната документација и начинот на аплицирање се целосно достапни на веб-страницата: https://www.fitr.mk/startapuvaj3/

Спонзорирано: