26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Реформата го враќа учењето во училница, родителите не се заменски наставници

Наставниците не треба да го предаваат учебникот, туку наставниот план, кој за прв пат има национални стандарди кои треба да се постигнат како резултати од учење. На наставникот е оставено да ја искористи креативноста и да се фокусира само на знаењето на учениците, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во дебатната емисија Отворено на ТВ 24.

Реформата на основното образование стартува од прво и четврто одделение, а наставниците од овие одделенија ќе поминат интензивни обуки. Министерката појасни дека новите наставните програми за овие одделенија предвидуваат интеракција, работа во групи и постојано истражување. Наставниците многу полесно ќе го подготвуваат часот, полесно ќе оди комуникацијата меѓу наставниците и родителите, наставниците и учениците, затоа што сите ќе имаат пристап до исти дигитални учебници, кои се повикуваат на отворени образовни ресурси. На една платформа ќе биде сé што подготвиле сите наставници.

„Реформскиот пристап значи дека во прво и во четврто одделение се менува целиот концепт на учење. Нема веќе ученикот да треба да учи дома. Учењето се случува во училница, во училиште и под водство на наставник. Тоа што сме се научиле дека сé што наставничката нема да заврши на час, родителите треба дома со часови да го довршуваат, тоа не е образование. Родителите не треба да бидат заменски наставници, такво образование не ни треба“, посочи Царовска.

Новиот концепт на основно образование го продолжува престојот на ученикот во училиште, со сите воннаставни и изборни содржини, меѓу кои и учење на дигитални алатки. За прв пат наставниците ќе добијат инструкции за задавање на домашни задачи. Домашните задачи треба да бидат повеќе во форма на дискусија во домот, или одредено истражување што треба ученикот да го направи, користејќи различни извори и со тие сознанија да се врати на училиште, за да ги потврди со наставникот.