Претседателот Стево Пендаровски денеска во рамки на работната посета на Брисел оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
На средбата, информираат од неговиот кабинет, било разговарано за европската интеграција на Северна Македонија, за можноста за одржување на прва меѓувладина конференција, за процесот на проширување на Европската Унија, како и за актуелните предизвици во регионот, во контекст на пандемијата на Ковид-19.
„ Неколку прашања разговаравме со моите соговорници. Првото прашање беше како се справуваме и во која фаза сме од имунизацијата со вакцини против Ковид-19. Во таа смисла јас изразив исклучителна благодарност до европскиот солидарен фонд, кој веќе од следната недела ќе почне да ги испорачува количините од Фајзер, кои се договорени преку посредникот Австрија, како земја членка на Европската Унија и тоа ќе го прави неделно и месечно во наредните два квартали. Најголем дел од времето потрошивме на проблемот што го имаме со Бугарија, значи тој проблем што Бугарија го има со нас“, рече Пендаровски.
Според него, не постои целосен консензус за организирање на првата меѓувладина конференција поради противењето на Бугарија. Проблемот, како што вели, е во тоа што изборите во Бугарија завршија, меѓутоа без јасен победник и, според последните информации, сосема е можно Бугарите да одат на нови предвремени парламентарни избори, веројатно во јуни. Ако е тоа случај, во следниве шеесеттина денови би имале само т.н. техничка или службена Влада која нема да има големи овластувања. Значи нема да има јасен политички легитимитет да навлегува во овие прашања особено.
„Јас реков дека ние сме подготвени, имаме специјален претставник за тоа прашање, имаме целосна координација меѓу највисоките владини претставници и мојот кабинет на таа тема, подготвени сме уште денеска да се вратиме на маса, да разговараме за сите отворени прашања се разбира со оние огради или т.н. црвени линии кои сме ги истакнувале и за кои не очекуваме воопшто дека ќе бидат на преговарачка маса повторно. Значи во овој момент е неопходно како предуслов да започнат тие разговори повторно да се идентификува соговорникот од бугарска страна и тоа, се разбира, не зависи воопшто од нас, зависи само од Република Бугарија – како тие ќе решат да направат и кого ќе предложат, поединец, Влада, институција итн.Конечно мислам дека е значајно и тоа посебно го нагласив на состанокот, што на 10 мај, Европската Унија има веќе закажано, како што ја нарекуваат тие, стратешка сесија за иднината на Западниот Балкан, поточно за иднината на односите меѓу Европската Унија и Западниот Балкан. За таа цел, нивната комисија и нивниот посебен директорат има изготвено стратешки документ кој зборува за неопходноста да се засилат активностите и конекциите со Западниот Балкан бидејќи, за жал, во регионот две држави преговараат, меѓутоа тој процес не е ни близу до своето завршување, две држави чекаат да почнат преговори и тоа се одолговлекува во неколку наврати. Прво ја чекавме новата методологија, таа беше усвоена, подоцна излегоа некои други проблеми, а две држави од шесте воопшто не се споменуваат како држави кои имаат можност да започнат наскоро преговори од познати причини. Европската Унија тоа сака да го промени по можност до крајот на годината, можеме само да ги поздравиме нивните напори бидејќи е јасно дека Западниот Балкан предолго време е во оваа транзиција кон Европската Унија без некои сигнификантни чекори напред“, изјави Пендаровски.
Претходно, во рамки на посетата на Брисел, тој оствари средби со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Жозеп Борел, со комесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со европратеникот и известител за Република Северна Македонија, Илхан Кјучук.
Пендаровски утре ќе оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.