23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пакет-мерки за помош очекуваат секторите што се најмногу погодени со пандемијата

Со протестите пред Министерството за финансии и денеска пред Владата угостителите од рестораните, кафулињата, ноќните клубови, рестораните за свадби, вработените во туристичките агенции и игротеките, танцовите и балетските студија, туристичките водичи, сметководителите, кои заедно застапуваат околу 40.000 луѓе, побараа да се исполнат барањата за поддршка, кои се веќе доставени до Владата.

„Четиринаесет месеци туристичко-угостителскиот сектор се бори со предизвици што ги создава кризата предизвикана од пандемијата и недоволната и ненавремена поддршка. Затоа, претпријатијата тешко се справуваат и сѐ повеќе се губат работни места и престануваат со работа деловните субјекти поради немање деловна активност. Најголем број од претпријатијата од овие сектори, користејќи ја својата способноста и ангажирајќи ги сите расположливи ресурси, досега наоѓаа начин да преживеат, но веќе сите алтернативи се исцрпени. Затоа, потенцираме дека без вистинска и континуирана поддршка нема спас за овој сектор“, велат од Туристичко-угостителската комора.

Тие веруваат дека средствата што се предвидени во шестиот пакет економски мерки може да помогнат и да ги ублажат штетите со кои се соочува туристичко-угостителскиот сектор ако се имплементираат на соодветен начин. Имајќи предвид дека постапките и процедурите за нивна имплементација сѐ уште не се познати, бараат пред имплементацијата да се земат предвид и нивните барања бидејќи тие произлегуваат од реалните потреби на најпогодените сектори.

Најавија дека во наредните денови ќе им дадат простор надлежните органи и институции да постапат во согласност со нивните барања, а по велигденските празници, ќе излезат со нов план за активностите доколку нема никакви промени во ставовите.

Туристичките агенции подобрување на состојбата во која моментно се наоѓаат гледаат во обезбедување неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана агенција. Ваучерите што ќе се доделуваат од мерката „Дома си е дома“ задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе може во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам. Рокот на ваучерите што се издадени од туристичките агенции според одлуката на Владата за нереализираните патувања во 2020 година да се продолжи до 31.12.2022 година. Од нивните три барања, првата е делумно усвоена, при што сѐ уште не се познати условите и методологијата за распределба да се знае дали мерката ќе има каков било ефект.

Угостителските објекти бараат еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти, поделени во 3 категории, врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година. Еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Владата и кои со месеци немаат никаква помош и утврдување мораториум или репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка сѐ додека не се создадат услови за работа. Една мерка е делумно усвоена под поинакви критериуми со процент од процент на приходите од 2019 и 2020 година, но без да се информира јавноста јасно за методологијата и кои се критериумите што секое претпријатие ќе треба да го исполни за да аплицира, повторно е нејасно дали и какви ефекти ќе има за помош.

Сметководителите испорачаа барање за директна финансиски помош, нов закон за вршење сметководствени работи и системско пролонгирање на роковите за годишни сметки и даночни пријави. Во комуникација со институциите во деновите додека трае протестот е добиен позитивен одговор за барањето поврзано со Законот за вршење на сметководствените работи, како и за системско одложување на роковите за годишни сметки и даночни пријави. Делумно е прифаќањето на барањата, а за другите се очекува одговор од институциите. Неповратна финансиска помош е потребна и за преживување на игротеките, туристичките водичи, танцовите и балетските студија.

Сите погодени сектори сметаат дека поддршката што досега е доделена не е доволна со оглед на рестрикциите во стопанството и принудните забрани за работа.