Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Петровска на Алсат: Опозицијата во Собранието со месеци ја злоупотребува здравствената состојба, кривичните пријави на ВМРО-ДПМНЕ се неосновани

Местото на секој пратеник е во Собранието, во пленарната сала, во салите каде што се одржуваат седниците, а не да се потпишат дека се присутни и да ја напуштаат работата на Собранието, тоа е неодговорно и кон Собранието и кон граѓаните, порача вечерва пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска во емисијата „Патот кон..’ на Телевизија Алсат.

– Во Деловникот за работа на Собранието јасно стои дека обврска на секој пратеник е да учествува во работата на Собранието. Тука не зборуваме дали некој правел услуга со тоам што ќе обезбеди кворум за работа. ВМРО-ДПМНЕ си поигруваше со пратениците кои беа болни од коронавирусот и ја злоупотребува здравстевната состојба, што е крајно неодговорно и нехумано. Видовме и за носењето на Буџетот за 2021 година, кога до последен момент опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ калкулираше и се надеваше дека нема да има доволен број пратеници и Буџетот да не биде донесен“ посочи Петровска.

Во однос на кривичните пријави Петровска порача дека ВМРО-ДПМНЕ поднела неосновани кривични пријави затоа очигледно што ги нема сите докази.

– Пратениците коишто беа во Собранието ги почитуваа протоколите и не го загрозија здравјето ниту на пратениците ниту на вработените во Собранието затоа што влегоа под посебни услови, гласаа, го извршија своето право како пратеници и излегоа надвор од Собранието. Ако вие ги немате целосните докази, ако велите дека ви недостасуваат страници од протоколите тогаш на што ја темелите кривичната пријава? Секоја кривична пријава се базира на докази. Сѐ останато е дискусија вклучително и ова – ги немаме протоколите, ги немаме сите докази, но поднесовме кривична пријава, рече Петровска во реплика на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи во емисијата „Патот кон…“ на Телевизија Алсат.