Процесот на имунизација е пред нас и само со вакцинација на голем број граѓани ќе успееме да стекнеме колективен имунитет, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој е уверен дека сега е време да се надмине пандемијата на коронавирус, и порача граѓаните да се пријават на страната vakcinacija.mk.
Инаку, следната недела ќе почне вакцинирањето на вработените во обвинителството, судовите, инспекциските служби, новинарите и медиумските работници, со што се очекува да заврши вакцинацијата на приоритетните групи од т.н. критична инфраструктура – луѓе кои имаат многу контакти во работата.
Во А1 Арената „Борис Трајковски“, од почетокот на оваа недела со „Спутник“ се вакцинираат припадниците на Армијата и МВР, дел од здравствените работници, наставниците и воспитувачите во градинките.
Паралелно, во тек е и вакцинацијата на лица над 77 години со вакцината „Астра Зенека“.
Власта најави дека месецов се очекува да пристигнат првите вакцини од Европската Унија наменети за Западен Балкан. Од нив, за Македонија се издвоени 100 илјади дози, од кои првично би требало да стигнат 20-25 илјади. Понатаму, се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од „Фајзер“, како и втората пратка од вакцините на „Астра зенека“ преку Ковакс-механизмот. Според најавите на претставниците од власта, месецов се очекува испораката на 200 илјади кинески вакцини, како и значителна количина „спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози.