26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Попова: ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во идентитетското обезличување на Скопје

Петре Шилегов во ек на најголемата здравствена и економска криза за свој врвен приоритет ги има преименувањето на улиците и идентитетското обезличување на градот Скопје, реагира советничката во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова.

Според неа, актуелниот градоначалник преименувањето на улиците го прави без јавна поширока расправа или, како што рече, шверцерски и преку повреда на процедури.

„Предлозите што се на маса се израз на фрустрациите на Шилегов и пазарењата со ДУИ на сметка на интересите на скопјани. Предлозите што се даваат од страна на Шилегов не се одобрени во согласност со законот од страна на општините и тие се вратени од страна на Владата. Значи, прекршена е процедурата. Ваквото дивеење продолжува и денес кога на седница на Комисијата за именување улици, мостови, плоштади и други инфраструктурни објекти се ставени предлозите што не се одобрени од општините во градот Скопје“, посочи Попова.

Таа потенцира дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во градот Скопје нема да учествува во работата на Комисијата за именување улици и инфраструктурни објекти и да ги легитимира правното насилство врз градот, обезличувањето и личните хирови на Шилегов.

„Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува етноцидот врз градот Скопје. Се брише македонската историја, како што се удира и по најголемите дејци на овој народ. Се бришат имињата на Филип Втори, Јустинијан Први, Христо Татарчев, Васил Чакаларов, Павел Шатев, Тодор Александров. Тоа што на Бугарите не им успеа со Заев, ќе им успее со Петре Шилегов“, рече Попова.

Според неа, Шилегов создава град со историја од 1945 година па наваму.