23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев и Царовска: Средното стручно образование обезбедува повисок квалитет на живот

Премиерот Зоран Заев денеска во Богданци беше гостин на дебатата која ја организираше Министерството за образование и наука со поддршка на Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија.

Дебатата е дел од серијалот настани кои се поврзани со реформата во образованието со посебен аспект на стручното образование под слоганот: „Учи паметно, работи стручно“.

Серијата трибини од кампањата „Учи паметно, работи стручно“ на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за образование и наука, во соработка со локалните самоуправи, е дел од приоритетната агенда на Владата чија цел е идентификацијата на потребите на пазарот на труд врз основа на што ќе се прават модификациите во образовниот систем.

„Оваа година ја променивме политиката за стипендирање и за првпат се воведоа стипендии за стручните училишта. Го зголемивме бројот на стипендии за електротехничката струка, којашто е значаен дел од нашата индустрија, како и бројот на стипендии во машинската, земјоделско- ветеринарна, текстилно-кожарска и градежно-геодетската струка. Ова го правиме за да ја намалиме хиперпродукцијата на непродуктивни кадри и за да го стимулираме образованието кон градење високостручни кадри кои се веднаш подготвени да одговорат на современите потреби на новата македонска економија“, истакна Заев.

„Компаниите имаат потреба од квалитетни работници, а Министерството за образование и наука преку социјален дијалог ги поттикнува на соработка со локалните самоуправи, средните стручни училишта и стопанските комори да воспостават заеднички систем на образование. Цел на дебатите кои низ целата држава се водат под мотото ‘Учи паметно, работи стручно’ е да ги идентификуваме потребите за одредени образовни профили, да ги прилагодиме наставните програми и уписните политики и преку квалитетно образование да овозможиме подготовка на стручен кадар кој ќе биде лесно вработлив и реалната економија ќе може брзо да го апсорбира“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

Билјана Пеева Ѓуриќ, извршен директор на Стопанската комора на Македонија, рече дека им помагаат на компаниите да го совладаат клучниот предизвик – обезбедување квалитетен кадар.

„Обучуваме ментори кои работат со учениците на усвојување на стручните знаења и во практичната работа во самата компанија. Во изминатите две години обучивме и сертифициравме 300 ментори од 245 компании. Компаниите покажуваат голем интерес директно да се вклучат во процесот на стручно образование и преку креирање на образовни програми да си обезбедат потребен кадар”, рече Пеева Ѓуриќ.

На дебатата учествуваа и швајцарската амбасадорка Сибил Сутер, градоначалникот на Богданци Блаже Шапов, градоначалникот на Гевгелија Сашо Поцков, градоначалникот на Валандово Перо Костадинов, претставници на бројни компании и гости од средните стручни училишта во регионот.

Серијалот општествени дебати со цел подобрување на образованието во Северна Македонија е помогнат од страна на швајцарската амбасада, која издвојува финансиски средства за овие програми и реформи и е активен чинител со своите искуства.