Денес, во Собранието се подготвува една од најголемите пљачки во поновата историја на Република Македонија. Станува збор за предлог-закон за реализација на неколкупати помпезно најавуваниот проект за изградба на нов клинички центар во Скопје, обвини пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
Според него, законот има премногу аномалии, недостатоци, недоречености и основани сомненија за огромен криминал со пари на граѓаните.
„Имено, во овој предлог-закон Владата предводена од Заев нема наведено апсолутно никакви конкретни податоци, рокови, информации, планови, стратегија, финансиска конструкција и физибилити-студија како би се одвивала реализацијата на проектот за изградба на новиот клинички центар. За толку сложен и милионски проект, власта до Собранието и пратениците испраќа предлог-закон од само неколку члена, површно и штуро објаснување. Ништо повеќе. И, замислете, сето ова власта сака да го помине во Собранието по скратена постапка. Повторувам, по скратена постапка. Ова отвора сомнежи и наведува на голем криминал што власта сака набрзина да го протне и спроведе“, рече Пецаков.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот бидејќи сметаат дека тој е извор на корупција.
„Нема да седиме со скрстени раце и ќе поднесеме приближно 2.000 амандмани со цел да го спречиме носењето на овој закон и овој криминал во најава. Да појасниме, ВМРО-ДПМНЕ не е против изградбата на нов клинички центар во Скопје, но нема да дозволиме 500 милиони евра, пари на граѓаните, да се трошат на криминален начин од најкриминалната влада во Европа, и тоа во моменти кога македонската економија е на колена, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај“, рече Пецаков.