24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

И Мицкоски и Заев бараат што побргу да се набават апаратите за отпечаток од прст

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска јавно ја повика Владата да собере сили и да ги набави терминалите за отчитување отпечаток од прст за претстојните локални избори.

„Прво што треба да се направи, тоа е еден сериозен однос од страна на Владата, да ги обезбеди тие терминали. Соседна Албанија веќе ќе ги применува тие терминали на следните избори кои треба да се одржат во април. Процедурата ја почнале и завршиле во рок од три месеци. Ние апелираме веќе еден месец да се почне таа процедура, која е законско решение, во членот 108-а многу јасно стои дека на следните локални избори гласањето мора да биде со помош на овие терминали за отчитување отпечаток од прст“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во октомври минатата година претходниот претседател на Државната изборна комисија до министерот за финансии побарал средства за набавка на терминалите, но не добил одговор.

„Новиот претседател на ДИК, колку што успеав да слушнам во медиумите, повторно побарал и добил одговор дека парите ќе бидат обезбедени во ребалансот, но дали ДИК е подготвена да го спроведе законот. Тоа е исто како да ве прашаат дали сте вие подготвени на семафор на црвено да застанете или да продолжите. Се знае, има правила, има закони, има Устав во оваа држава. Ако тоа е закон, тогаш треба законот да се почитува и да се применува“, истакна Мицкоски.

И премиерот Зоран Заев денеска апелира до Државната изборна комисија што побргу да почне постапка за набавка на апарати за отпечаток од прстот.

„Апелирам ДИК да ја почне постапката што побргу затоа што ова решение стои во законот. Ќе направиме сè што зависи од нас. Зборував и со министерот за финансии, кој конкретно рече дека во буџетот има пари, а ако недостигаат, ќе се направи ребаланс затоа што имаме законска можност. Дадовме писмено одобрение од страна на Финансии за да може Државната изборна комисија да почне постапка за набавка на апаратите. Јас кога бев во опозиција, ги барав овие апарати, а сега не можам да речам дека не ни требаат“, рече Заев.

Премиерот смета дека за осум месеци, колку што се останати до локалните избори, може да се набави оваа технологија.