26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Захариева: Не ни е целта да ѝ ги расипеме односите на Македонија со Србија

Целта на Бугарија не е да ги расипе односите помеѓу Србија и Северна Македонија, изјави бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервју за „24 часа.бг“.

Сепак, таа вели дека е видливо оти Белград има силно влијание во Скопје и постои тенденција за приближување до српскиот јазик, бизнисот и институциите.

„Овој тренд не запре во последните 30 години и ова е разбирливо. Но, целта на Бугарија не е да им ги расипе нивните пријателски односи. Нека бидат пријатели. Ние само сакаме да имаме пријателски однос. Ајде сите да бидеме пријатели, да бидеме поврзани и да градиме заедно“, рече Захариева.

Министерката ги оцени како добри односите на Софија и Белград издвојувајќи ја изградбата на автопатот, кој ќе ги поврзува двете земји. Додаде дека бугарските власти во Србија секогаш го поставуваат и прашањето за бугарското малцинско таму, пристапот до образованието и учебниците на мајчин јазик, како и развојот на регионот.

Во однос на соработката со Скопје, таа нагласи дека не може повеќе да нема железничка линија помеѓу Бугарија и Македонија, како и бариери за бугарските компании.

„Со Република Северна Македонија се чини дека има нешто што не е доречено и завршено во последните години, иако ова не е само во последните години“, вели Захариева.

Таа понатаму додаде дека обидот да се претстави Бугарија како историски реваншист е крајно неприфатлив бидејќи нашите проблеми се реални. Рече дека мора да се надминат недоразбирањата бидејќи не е во ред во 21 век да се победува на избори со кампања против соседни земји.

Захариева додаде и дека не сакала толку многу да се водат преговорите пред медиумите, што довело до тешка реторика бидејќи потоа е тешко да се откажете од изговорените зборови.