Скопското Обвинителство поведе постапка против 24-годишно лице од Свети Николе заради основано сомневање дека сторило кривично дело – тешка кражба.
На 11 февруари, на улицата „Трифун Хаџи Јанев“ во населбата Автокоманда, тој на дрзок начин одзел туѓи подвижни предмети.
„Кога ја забележал оштетената и пристапил од зад грб и ги скинал рачките од чантата која оштетената ја носела во своите раце, ја одзел чантата и избегал. Во чантата имало паричник и други предмети со вкупна вредност од 5.000 денари“, велат од Обвинителството.
Веднаш потоа се упатил кон Факултетот за земјоделски науки и храна, лоциран на улица „16-та Македонска Бригада“, каде се обидел со провалување да одземе туѓи подвижни предмети. Тој насилно ја отворил надворешната врата од амфитеатарот, влегол внатре, продолжил со кршење на врати и пребарување, со цел да пронајде предмети со кои може да се стекне со имотна корист, но бил спречен во намерата од чуварот, кој го затекнал на лице место и настанот го пријавил во полиција.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...