Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната посета на пазарџиите беше прашан за негов став во однос на задоцнетото пристигање на вакцини за Ковид-19.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека дава целосна поддршка за набавка на вакцините.
„Дај боже денеска да имаме вакцини. Еве, јас поддржувам и идната недела да имаме вакцини и ќе поддржам кога било, само нека ги донесат тие вакцини. Нека почне оној којшто сака да се вакцинира, да се вакцинира. Се срамам што сме последни, што сите држави во Европа буквално почнаа. Што еден Авганистан има половина милион дози добиено, а ние како држава уште коленичиме, се молиме, на лево, на десно, да добиеме 10,20,50.000 или 2.000 дози“, истакна Мицкоски.
Мицкоски рече дека го охрабрува министерот за здравство, и целата власт да излезат и јавно да ја кажат вистината на јавноста, кога конечно ќе пристигнат вакцините за Ковид-19 во државата.
„Што треба ние како ВМРО-ДПМНЕ, како опозиција да направиме, ќе направиме, да им помогнеме во таа намера, бидејќи гледаме дека се тотално неспособни. А, за скандалите во здравството, само да дополнам, ќе бидете сведоци во периодот што следи, ќе видите дека на се се фокусирани, само не се фокусирани на обезбедување вакцини и борба против оваа пандемија, којашто, за жал, ни се случи“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.