Ги усогласуваме потребите на реалниот сектор со профилите за кои ќе се образуваат учениците во средните стручни училишта, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, денеска во Штип, каде што заедно со градоначалникот Сашко Николов и претставници на неколку компании го почнаа процесот на консултации за потребата од отворање нови профили и паралелки во средните стручни училишта во државата од идната учебна година.
„Разговараме за тоа кои се нивните реални потреби од одредени профили што им недостигаат со години на компаниите и можностите за нив да се отворат паралелки во средните стручни училишта. Првпат влегуваме во интензивно преговарање со компаниите, стопанските комори и средните стручни училишта, со цел да го обезбедиме бараниот стручен кадар, но и да ја зголемиме вработливоста на младите“, изјави Царовска.
Претходно, таа имаше работни средби во Свети Николе со градоначалникот Сашо Велковски и во Пробиштип со градоначалникот Драган Анастасов, како и со локалните компании.
„Добивме многу конструктивни и корисни предлози за профилите што треба да ги отвориме. Силно веруваме дека преку овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе одговориме на долгогогодишните барања на компаниите, но и ќе профилираме стручно образование што ќе создава кадар потребен на реалниот сектор“, рече Царовска.
Денешните средби се први во рамките на процесот на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање нови профили и паралелки во средните стручни училишта во државата од идната учебна година. Со слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука, Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите ќе разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта.
Министерството за образование и наука веќе спроведе анализа, која покажа кои профили сега ги нудат училиштата, каква е нивната усогласеност со потребите на компаниите и каква е подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво. Во анализата учествуваа 450 компании од целата држава, од кои дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање стручен и квалитетен кадар.
Овој процес Министерството за образование и наука го реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.