25.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и во вакцинација гледа политика, вакцините против коронавирусот се набавуваат преку три механизми

ВМРО-ДПМНЕ и во вакцинација гледа политика, вакцините против коронавирусот се набавуваат преку три механизми, реагира СДСМ на прес-конференцијата на Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ дека Филипче прво сакал европско-американски вакцини, па се одлучил за кинески, ама уште нема никакви.

„На ВМРО-ДПМНЕ му пречи што ковид-пациентите во државата ќе имаат можност да користат најсовремена и најскапа терапија т.н. моноклони антитела, специфична за вирусот СарсКов2. На ВМРО-ДПМНЕ, му се допаѓало или не, Министерството за здравство пред два дена испрати писмо до Европската комисија за резервација на оваа најсофистицираната моноклона комбинирана терапија, бидејќи приоритет на Владата предводена од СДСМ и министерот д-р Венко Филипче е квалитетна здравствена заштита на граѓаните“, велат од СДСМ.

Од таму додаваат дека само ВМРО-ДПМНЕ може да види политика и во вакцинацијата што може да се очекува од партија која и сопствениот народ го подели на патриоти и предавници.

„Докторката Јадранка Поцкова како лекарка треба да знае дека ЕМА и ФДА немаат свои вакцини, бидејќи тие не се производители, туку регулаторни тела. Недозволиво е ваков податок да излезе од уста на лекар, па дури и текстот да го пишувал Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ како по обичај и денеска излажа дека сите земји добиле како што вели Поцкова ‘по неколку тури вакцини’, вакцинацијата во Европа почна на 28 декември, а во многу земји е прекината поради глобалниот притисок со достава и производство на вакцини“, велат од СДСМ.

Од партијата уверуваат дека имунизацијата во земјава ќе почне во февруари.

„Додека владата предводена од СДСМ и министерот за здравство, д-р Венко Филипче, вакцини набавуваат по три механизми – Ковакс, во директни преговори со производителите и преку солидарниот фонд на ЕУ, ВМРО ДПМНЕ се задолжени за евтин театар“, велат од СДСМ.