7.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска: Имаме обврска да организираме матура, тоа е услов матурантите да се запишат на факултет

Државата има обврска да го оствари правото на матурантите да полагаат државна матура заради тоа што државната матура, во согласност со законот донесен во ова Собрание, е услов за да се запишат на факултетите во државата и надвор од неа, одговори министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

„Ние како држава, доколку не обезбедиме полагање матура, им го скратуваме правото на учениците да се запишат на високо образование. Она што е дадено како опција во концепцијата за државна матура е правото на училишна матура и правото на стручен испит за сите оние што не сакаат да полагаат државна матура. Средното образование е задолжително со закон, но државната матура е избор. Тоа што вашата партија излегува и поттикнува бојкот за непочитување на законот, сметам дека треба да се дискутира во ова Собрание затоа што сите ние, независно дали сме функционери, граѓани, пратеници, имаме обврска да ги спроведуваме законите. Матурата е дел од законски пропис во Република Северна Македонија“, рече Царовска.

За одлуката да не се полага матура лани, министерката појасни дека била донесена во услови на вонредна состојба, во која сега не се наоѓаме.

„Минатата година имаше уредби донесени на Влада, со кои се донесе одлука да не се полага матура и таа престана да биде услов за запишување на факултетите, но само во нашата држава. Морам да истакнам дека сепак им се нанесе неправда на учениците што сакаа да се запишат во странство заради тоа што тие не успееја да си го остварат тоа нивно право. Дури и на едно дете да му го скратиме правото да го оствари својот сон, сме направиле огромен грев. Токму затоа, ние како Влада нема да се охрабриме на учениците што се матуранти оваа година, да им го скратиме правото да си ги остварат своите соништа“, нагласи Царовска.

Таа посочи дека во законски предвидениот рок повеќе од 14.000 матуранти пријавиле полагање државна матура, што е речиси приближен број со сите години кога се полагала државна матура.

„Секое скратување и менување на методологијата и концепцијата по поднесени пријави за полагање е целосно несоодветно заради тоа што учениците што пријавиле матура во законски зададениот рок, пријавиле по концепција што е донесена на почетокот на учебната година“, објасни министерката Царовска.

Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија.

„Ние како Влада, како Министерство, направивме измени и во постојната концепција уште пред да почне да се дискутира за тоа дали има или нема предлози за поинаков концепт. Воведовме два дополнителни изборни предмета – географија и информатика и ја усогласивме проектната задача за да биде интересна за матурантите. И тоа го направивме заедно со нив“, рече Царовска.

Министерката најави дека за наредната учебна година, МОН, Унијата на средношколците и Средношколскиот глас заеднички подготвуваат нова концепција за матура, која ќе биде современа и која ќе биде во согласност со потребите, но и културата на живеење и учење на учениците.